
Кризата на Блискиот Исток ќе влијае и на економиите на Западен Балкан, па земјите во тој регион ќе се соочат со забавен економски раст и зголемена инфлација оваа и следната година, предупреди Светската банка (СБ).
Во редовната шестмесечна регионална анализа, се наведува дека се очекува „пригушен“ економски раст во текот на 2026 и 2027 година под влијание на последиците од прелевањето на конфликтот на Блискиот Исток, тврдоглавата инфлација и зголемената неизвесност.
Прогнозите на Светската банка за Западен Балкан покажуваат дека економскиот раст на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија ќе достигне 2,8 проценти во 2026 година, што е за 0,3 процентни поени под претходните проекции. Во 2027 година се очекува скромно забрзување на регионалниот раст на 3,2 проценти.
Највисок раст на БДП од 3,9 проценти за оваа година е проектиран за Косово, а најнизок за Босна и Херцеговина, каде што треба да биде на ниво од 2,5 проценти. Во 2027 година, Косово треба да има највисок раст на БДП во регионот, на ниво од 3,9 проценти, додека раст од три проценти е предвиден за Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија.
За да се одржи моментумот на реформите во земјите од регионот, кои се соочуваат со недостиг на работна сила, од клучно значење ќе биде да се зголеми учеството на активното население на пазарот на трудот, наведоа тие.
Според овој извештај, населението на Западен Балкан старее побрзо од кое било друго место во Европа. Во текот на следната деценија, најмалку едно од пет лица во регионот ќе биде над 65 години, работното население бара подобри плати и перспективи во странство, а иако има недостиг на работна сила во клучните сектори, многу луѓе не работат активно или се откажале од барање работа.











