
Дел од кредитите се веќе одобрени, а поднесени се и барања до Развојната банка за префрлање на средствата, рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриоска Кочовска во врска со унгарскиот заем.
По средбата со претставниците од Сојузот на стопански комори (ССК), таа повтори дека компаниите кои ќе инвестираат во опрема и производство имаат предност кај банките.
Според ССК, унгарскиот кредит е еден од најповолните и претставува скромна, но голема поддршка за фирмите.
На средбата во ССК, како што изјавија министерката и претседателот на Сојузот Трајан Ангелоски, било договорено бизнисот да подготви листа со царински стапки за нивно хармонизирање со европските.
-Побаравме даночните процедури да се поедностават, а за царинските стапки кои мора да ги хармонизираме, наидовме на големо разбирање, истакна Ангелоски на заедничката прес-конференција.
ССК пред министерката го повторил ставот дека данокот за солидарност беше неоправдано воведен и укажал, рече Ангелоски, дека треба да се вратат средствата од оние што се земени, со одреден надомест.
Димитриоска Кочовска беше децидна дека Владата не планира промени на даночните стапки за да нема пореметувања во приватниот сектор.
-Бизнисот треба да биде слободен и да инвестира, да има поволно деловно опкружување, напомена министерката, пренесе МИА.