Што се случи со акциите на европските производители на оружје за 24 часа?

Инвеститорите предвидуваат огромен скок во воените буџети откако Велика Британија и Франција ја презедоа иницијативата за мировен договор во Украина, пишува The Guardian.

Британската компанија BAE Systems скокна за 15% во понеделникот, германскиот Rheinmetall порасна за 14%, додека францускиот Thales и италијанскиот Leonardo забележаа раст од 16%. Одбранбените акции му помогнаа на индексот FTSE 100 да достигне нов рекорд, затворајќи го денот со раст од 0,7% на 8.871,31 поени.

Овие случувања продолжија со големиот пораст на акциите на одбранбената индустрија, бидејќи инвеститорите очекуваат значително зголемување на воените трошоци во Европа. Постојат стравувања дека Вашингтон би можел да ги повлече безбедносните гаранции.

Доналд Трамп ги шокираше долгогодишните сојузници со изјавата дека Украина не е „подготвена за мир“, три години по почетокот на војната. Тој, исто така, се закани дека ќе ја повлече американската помош за Украина, откако неговата средба со претседателот Володимир Зеленски се претвори во отворен конфликт.

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека Европа е во „историска пресвртница“. Во Лондон се одржа самит со Зеленски и 18 светски лидери, меѓу кои и францускиот претседател Емануел Макрон, во обид да се преговара за мировен договор за Украина.

Долготрајниот притисок на европската воена индустрија за зголемување на буџетот сега добива на важност. Повлекувањето на американската поддршка ги принудува европските лидери да ги преиспитаат своите стратегии.

Воената индустрија цвета – оружјето станува главен бизнис на Европа

Пораснаа и акциите на авиокомпаниите со големи воени приходи. Ербас, водечки европски производител на патнички авиони, се зголеми за 5%, францускиот Safran за 3%, додека британскиот Rolls-Royce скокна за 4% на рекордно високо ниво. Британската компанија за одбранбена технологија QinetiQ порасна за 12%, а француската Dassault Aviation за 15%.

BAE Systems, најголемиот британски производител на оружје, објави рекордни нарачки минатиот месец, додека нејзиниот годишен профит за прв пат надмина три милијарди фунти во 2024 година.

Холгер Шмидинг, економист во инвестициската банка Беренберг, рече:

„Европа, а особено Германија, мора – и речиси сигурно – ќе ги зголемат воените трошоци, и за себе и за Украина, многу повеќе од сегашните планови“. Велика Британија и Норвешка веќе ветија дополнителна помош за Украина, а се очекува и Германија да го стори тоа наскоро.

Премиерот Стармер минатата недела објави дека Велика Британија ќе ги зголеми воените трошоци на 2,5 отсто од БДП до 2027 година, три години порано од првично планираното. Зголемувањето на буџетот за оружје ќе се финансира преку контроверзното намалување на меѓународната развојна помош.

Францускиот претседател Макрон ги повика европските земји да ги зголемат воените трошоци на над 3 отсто од БДП. Фридрих Мерц, најверојатно новиот германски канцелар, се очекува да работи и на зајакнување на германскиот воен буџет.

Аналитичарите на JPMorgan тврдат дека развојот на настаните во изминатите неколку недели „турбо-лансираше“ нов европски циклус на вооружување. Лидерите сега се обидуваат да го зголемат производството на воена опрема и да ја намалат зависноста од увозот од САД.

„Во НАТО има 30 европски земји и очекуваме многумина наскоро да донесат одлуки за значително зголемување на буџетите за одбрана“, се вели во извештајот на Ројтерс, пренесува Јутарњи.