
Забавувањето на светската трговија и новите американски царини ќе ги загрозат извозно ориентираните економии на Централна Европа, предупреди Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), следејќи ги проценките на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и S&P Global.
Земјите од Централна Европа се меѓу земјите на ЕУ кои најмногу се потпираат на надворешната трговија, при што извозот претставува удел во БДП кој се движи од 92 отсто во Словачка до 69 отсто во Чешка, според податоците на Евростат од 2023 година.
Само Романија е под просекот на ЕУ, а извозот сочинува 39 отсто од БДП.
Полска, најголемата економија во Централна Европа, е помалку изложена на слабости во Западна Европа, бидејќи не се потпира толку многу на извозот на автомобили, има голем домашен пазар и добива милијарди евра од фондовите на ЕУ.
Надворешната трговија на тој начин се претвора во извор на ризик за економиите во Централна и Источна Европа, при што S&P Global забележува дека американските царини би ги загрозиле индиректно, преку германскиот автомобилски сектор.
Испораките на машини и транспортна опрема во Германија сочинуваат повеќе од една десетина од вкупниот извоз на Чешка, Унгарија, Словачка, Словенија и Романија, соопшти S&P Global.
Регионот е директно изложен на САД само преку ограничена трговија, потсетуваат тие.
„Регионот на Централна и Источна Европа имаше значителна корист во текот на изминатите децении од неговото зголемено учество во глобалните синџири на вредности“, изјави за Ројтерс Џеф Готлиб, висок регионален претставник на ММФ за Централна, Источна и Југоисточна Европа.
„Сепак, овој модел се соочува со тешкотии бидејќи глобалниот трговски раст почна да забавува, од шест проценти во периодот 2000-2019 година на три проценти во периодот 2022-2024 година“, рече тој во одговорот по е-пошта на барањето на Ројтерс.
Земјите од Централна Европа, според неговото мислење, треба да се фокусираат на процесите што можат да ги контролираат и да спроведат реформи за подобрување на продуктивноста и подигање на животниот стандард, истовремено инсистирајќи на отстранување на „значајните“ трговски бариери во ЕУ.
Исто така, важно е да се осигураме дека централноевропските компании не се соочуваат со непотребни трошоци кога се натпреваруваат во странство, нагласи претставникот на ММФ, предлагајќи координација на ниво на ЕУ во креирањето на нова индустриска политика.
Истражувањето на ММФ од ноември 2024 година покажа дека главните пречки вклучуваат лоша гранична инфраструктура и „разновидни“ регулативи во ЕУ, вклучително и во областа на јавните набавки.
„Континуираните напори за продлабочување на единствениот пазар ќе поддржат силен раст со отстранување на ограничувањата поврзани со големината на пазарот“, заклучува ММФ во извештајот.
Несигурност
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), исто така, во своите прогнози на крајот на февруари ја истакна зголемената неизвесност предизвикана од можното зголемување на американските царини и одговорот на американските трговски партнери.
„Самата зголемена несигурност ги обесхрабрува инвестициите, го ослабува производството и предизвикува прекини во глобалните синџири на снабдување“, забележаа тие во извештајот.
Покрај неизвесноста, влијанието на царините и трговските ограничувања врз поединечните економии на краток рок ќе зависи и од нивниот опсег. Прашањето е дали САД ќе воведат царини за сите земји или само за одредени трговски партнери, забележува ЕБРД.
Најавеното зголемување на американските царини за челик и алуминиум претставува најголема закана за Бугарија, Словенија и Романија, оценуваат тие.
Генерално, Јордан, Словачка, Унгарија и Литванија се најранливи на зголемените американски царини поради, како што наведуваат, „општата трговска изложеност на американскиот пазар“.
Послабата надворешна побарувачка во Централна Европа и Балтикот, како и во југоисточните земји на ЕУ, Грција, Романија и Бугарија, ќе значи нешто побавен раст во целата област во која работи ЕБОР, за 3,2 отсто оваа година, процени ЕБОР во последните прогнози.











