
Акциите на Алкалоид, Комерцијална банка, Макпетрол, Стопанска банка, НЛБ банка утрово се во “црвено“, покажува тикерот на Македонска берза. Согласно и последните податоци од петокот (04.04.025), најголемиот дел од најтргуваните акции на Берзата, имаа пад на вредноста. Процентуално, намалување имаат акциите на: Алкалоид (-0,73%), Стопанска Банка Скопје (-3,28%), НЛБ Банка (-0,68%), Макпетрол (-0,65%), Комерцијална Банка (-0,34%)… Индексот МБИ10 во петокот ја “затвори“ Берзата со 10.437,41 поен. Инаку, тикерот ги прикажува податоците за просечните цени на хартиите од вредност и нивната процентуална промена во однс на официјалната просечна цена постигната претходниот ден на тргување со задоцнување од најмногу 15 минути.
Инаку во 2024 година, индексот МБИ10 достигна рекордно ниво од 10.200,91 поени, што претставува раст од 66,78% во однос на претходната година. Овој раст е значаен показател за позитивните трендови на пазарот.
И покрај овие позитивни трендови, во декември 2024 година се забележа пад на прометот на берзата за 9,43%. Сепак, вкупниот промет за 2024 година бил повисок во однос на претходната година, што укажува на растечки интерес и активност на пазарот.
Во јануари 2025 година, индексот МБИ10 продолжи со позитивни трендови, забележувајќи раст од 8,3% на почетокот на годината. Ова сугерира дека инвеститорите остануваат оптимистички настроени во однос на пазарот.
А во април Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Македонската берза АД Скопје (МБ) се согласија да соработуваат во поттикнување на работењето на локалниот пазар на капитал. Беше потпишан Меморандум на разбирање помеѓу Главниот Извршен Директор на Македонска берза АД Скопје, Иван Штериев и Фатих Туркменоглу, Претставник на ЕБОР за Северна Македонија, со кој се создава силна основа за соработка помеѓу двете страни, во насока на зајакнување на локалниот пазар на капитал. Преку подигнување на свеста за финансирањето преку пазарот на капитал, се работи на привлекување на повеќе приватни компании да се финансираат преку јавна понуда на акции или да издадат обврзници. Крајната цел е оваа иницијатива да придонесе кон раст на пазарот, зголемување на инвестициските можности, и поддршка на подинамичен финансиски екосистем.
Европските берзански индекси во голем пад
Европските и американските берзански индекси се во голем пад на почетокот на трговската недела бидејќи царините наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела продолжуваат да ги растреперуваат пазарите.
Европската унија е погодена од американските увозни царини од 20 отсто, Велика Британија 10 отсто, Норвешка 15 отсто, а Швајцарија со царини од 31 отсто.
Во Европа, најтешко се погодени компаниите кои во голема мера се потпираат на глобалната трговија и синџирите на снабдување, како и на автомобилскиот сектор.
Франкфуртската берза DAX денеска во 9:30 часот падна на 19.269,75 поени, британскиот FTSE 100 на 7.634,75 поени, францускиот CAC 40 на 6.865,15 поени, а московскиот MOEX на 2.681,79 поени.
Влијанието на пазарот беше уште посериозно во САД, каде што многу економисти предупредија дека царините може да доведат до рецесија.
Вредноста на американскиот берзански индекс Дау Џонс падна на 38.314,86 поени, индексот S&P 500 на 5.074,08 поени, а вредноста на индексот Nasdaq на 15.587,79 поени.
Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Forex изнесува 1,10942, што е за 0,88 отсто повисока отколку на почетокот на тргувањето.