Европските берзански индекси во пад, златото расте

Европските берзански индекси денеска бележат пад, а приносите на обврзниците се зголемија откако стапија на сила реципрочните царини на американскиот претседател Доналд Трамп за околу 60 земји и територии во светот, вклучително и кумулативната давачка од 104 отсто на кинескиот увоз.

На 10 април, Кина најави воведување сопствени царини од 34 отсто за стоки увезени од Соединетите Американски Држави и предупреди дека „ќе се бори до крај“ во случај Вашингтон да иницира натамошна ескалација на трговскиот конфликт, јавува Си-Ен-Би-Си.

Европската унија е погодена од американските увозни царини од 20 отсто, Велика Британија 10 отсто, Норвешка 15 отсто, а Швајцарија со царини од 31 отсто.

Индексот на Франкфуртската берза DAX денеска во 9:30 часот падна на 19.808,72 поени, британскиот FTSE 100 на 7.741,88 поени, францускиот CAC 40 на 6.935,28 поени, а московскиот MOEX на 2.681,72 поени.

Европските фјучерси на гас за мај се продаваа на отворањето на берзата ТТФ по цена од 33,935 евра за мегават-час.

Цената на златото се искачи на 3.045,52 долари за унца, а на пченицата на 5,4301 долари за бушел (бушел е еднаков на 27,216 кг).

Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Forex изнесува 1,10742, што е за 0,82 отсто повисока отколку на почетокот на тргувањето.

Фото: Pixabay