Европските финансиски пазари функционираат уредно, ЕЦБ е подготвена да интервенира доколку е потребно

Финансиските пазари во еврозоната засега добро функционираат и покрај глобалните превирања, а Европската централна банка (ЕЦБ) е подготвена да ги користи своите финансиски инструменти за одржување на финансиската стабилност доколку е потребно, изјави претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард.

Пазарите ширум светот издржаа брутална недела, обележана со избувнувањето на голема трговска војна меѓу САД и Кина, а во последните денови со распродажба на американските државни обврзници, што доведе до обновени стравувања од глобална рецесија и ја разниша довербата во американските средства.

„Во Европа, а особено во еврозоната, забележавме дека пазарната инфраструктура и пазарот на обврзници функционираат правилно“, рече Лагард на прес-конференција во Варшава. Доларот падна на повеќегодишното ниско ниво во петокот во однос на повеќето други валути, а државните обврзници продолжија да се продаваат бидејќи инвеститорите бараа побезбедни средства како безбедно засолниште пред очекуваната поголема нестабилност на американските акции, валути и обврзници.

Лагард рече дека ЕЦБ не размислува за некоја конкретна целна вредност на девизниот курс на еврото во однос на доларот, но дека сè уште внимателно ги следи движењата на пазарот, бидејќи тие влијаат на инфлацијата и дека треба да се вклучат во моделите на проектираното движење на економијата.

Курсот на еврото пондерирана според трговската размена ја достигна својата највисока вредност оваа недела, што веројатно ќе ја намали инфлацијата бидејќи поради зајакнувањето на еврото увозот поевтинува – иако, од друга страна, може да се забави и економскиот раст бидејќи поскапува извозот на стоки.

Ова е една од клучните причини зошто финансиските инвеститори сега веруваат дека намалувањето на каматните стапки на ЕЦБ следната недела е речиси сигурно и дека дополнително намалување ќе следи подоцна во текот на годината. Лагард рече дека ЕЦБ секогаш била подготвена да дејствува и дека веќе имала добри резултати во минатото секогаш кога ситуацијата барала дизајнирање на нови инструменти.

„Европската централна банка ја следи ситуацијата и е подготвена да ги користи сите инструменти што и се на располагање во секое време, а во минатото секогаш ги имаше соодветните инструменти и алатки кои беа потребни за да се обезбеди стабилност на цените, и секако финансиска стабилност – бидејќи едното не функционира без другото“, рече Лагард.