
Минатата година во Европската унија (ЕУ) е постигната стапка на вработеност од 75,8 отсто или 197,6 милиони лица на возраст од 20 до 64 години, што е рекордна бројка од почетокот на мерењето на овој показател во 2009 година, објави Евростат, Европската статистичка служба.
Таа стапка е за половина процентен поен повисока од 2023 година и за 1,2 процентни поени повисока од 2022 година.
Но, треба да се истакне дека стапката на вработеност кај мажите е 80,8 отсто, а кај жените е за дури 10 процентни поени пониска, односно на 70,8 отсто. Целта на ЕУ е стапката на вработеност да достигне 78 проценти до 2030 година.
Највисоки стапки на вработеност се постигнати во Холандија со 83,5 отсто, во Малта со 83 отсто и во Чешка со 82,3 отсто.
На дното на рангирањето се Италија со 67,1 отсто, Грција со 69,3 отсто и Романија со 69,5 отсто.
Хрватска има цифра малку пониска од просекот на ЕУ, 73,6 отсто. Словенечката стапка, пак, го надминува просекот на ЕУ и достигна 78,3 отсто.
Очекувано, степенот на образование има значително влијание врз стапката на вработеност. За оние со високо образование таа изнесува 86,5 отсто, додека за лицата со само низок степен на образование стапката е 58,7 отсто.
Евростат наведува и дека стапката на преквалификација во ЕУ во 2024 година била 21,3 отсто, при што 20,5 отсто за мажи и 22 отсто за жени. Преквалификацијата значи дека луѓето со високо образование работат работи за кои не е потребно високо ниво на образование.
По стапката на преквалификации на врвот е Шпанија со 35 отсто, потоа Грција со 33 отсто и Кипар со 28,2 отсто.
Најниска стапка на ваква вработеност има Луксембург од 4,7 отсто, потоа Хрватска со 12,6 отсто и Чешка со 12,8 отсто.