Тојота инвестира 2 милијарди долари во фабрика за е-возила во Шангај

Јапонскиот гигант Toyota Motor Corporation во вторникот потпиша договор вреден 2 милијарди долари за основање фабрика на електрични возила (EV) во Шангај, во услови на ескалација на американската тарифна војна насочена особено кон Кина, објавија државните медиуми.

Најпродаваниот светски производител на автомобили потпиша договор со општинската влада во Шангај во стратешки потег да го зајакне своето присуство во Кина, најголемиот светски пазар на автомобили, објави пекиншкиот Ксинхуа њуз.

Според договорот, Toyota се обврзува да инвестира вкупно 14,6 милијарди јуани (околу две милијарди долари) во проектот за ново енергетско возило (NEV) во округот Џиншан, кој се фокусира на истражување и развој, производство и продажба на Lexus EV и EV батерии.

Овој потег доаѓа една недела откако Хонда Мотор ги објави плановите да префрли дел од своето домашно производство во САД, бидејќи Јапонија се обидува да избегне царини од 24 отсто наметнати од администрацијата на Трамп.

Иако Toyota не го откри производствениот капацитет на новата фабрика во вторникот, во февруари соопшти дека тоа ќе биде околу 100.000 единици годишно, а проектот се очекува да отвори околу 1.000 нови работни места во почетната фаза, пренесе Бизнис.рс.