
Директорот на ТАВ Македонија, Неџат Курт, и Андраш Радо, менаџер за комуникации во “Виз ер”, денес на прес-конференција ќе дадат информации за новата авиолинија од Меѓународниот аеродром Скопје до Лион, како и за повторното воведување на летот од Скопје за Барселона. Според претходните соопштенија, двете линии треба да почнат со работа на 3-ти следниот месец.
Според плановите, летовите до Барселона ќе се извршуваат двапати седмично, секој вторник и сабота, а до Лион трипати, секој вторник, четврток и сабота. Овие авиолинии се овозможуваат со помош на финансиска поддршка од Владата.
“Виз ер”, во согласност со Договорот за финансиска поддршка, од 29 септември треба да ја воведе и авиолинијата Скопје – Штутгарт, која ќе сообраќа три пати неделно, во понеделник, среда и петок, а од 27 март веќе е во функција линијата Охрид – Истанбул.
Со последниот повик за субвенционирани летови беше најавено дека повторно ќе има лет на релацијата Скопје – Дубаи и требаше да започне на 30 март, но “Флајдубаи” побара одложување за наесен.
Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела, на седница за пратенички прашања, во информација за посетата на Обединетите Арапски Емирати изјави дека се преговара за линија од Абу Даби до Охрид, а вицепремиерот Александар Николоски претходно соопшти дека се разгледуваат и можностите за авиолинија Скопје – Прага.











