
Британската банка Барклис ја намали својата прогноза за цените на нафтата од типот Брент за 2025 година на 70 долари за барел од претходно 74 долари за барел, додека предвидува пад на 62 долари за барел во 2026 година, предупредувајќи на „трнлив пат пред фундаменталните фактори на пазарот“ поради зголемените трговски тензии и промената во стратегијата за производство на ОПЕК+.
Иако, како што велат, основните индикатори на пазарот на нафта на почетокот на 2025 година биле значително подобри од очекуваното, „Барклис“ сега предвидува вишок понуда од 1 милион барели дневно оваа година, а 1,5 милиони барели дневно во 2026 година. Банката предупредува дека пазарот има „ограничена способност за апсорбирање на шокови“, што би можело да ги направи цените ранливи на краткорочни флуктуации, пренесува „Ројтерс“.
Аналитичарите истакнуваат дека побарувачката останала изненадувачки стабилна, потпомогната од поголемата кинеска потрошувачка и стабилизацијата на пазарот на недвижности во таа земја, но пошироката макроекономска слика се влошила. „Наглото зголемување на трговските бариери ја забавува економската активност, која претходно изгледаше посилна благодарение на претходните испораки“, се вели во извештајот.
Кога станува збор за снабдувањето, „Барклис“ ги намали своите прогнози за производство на земјите надвор од ОПЕК за 270.000 барели дневно поради послабите резултати во САД, Канада, Бразил и Норвешка, како и пониските очекувани цени. Производството на нафта во САД, според новата проценка, ќе остане на исто ниво во четвртиот квартал од 2025 година, за разлика од претходните прогнози кои укажуваа на раст.
Спротивно на тоа, очекувањата за производство на ОПЕК се зголемија за 240.000 барели дневно, бидејќи некои земји го забрзаа укинувањето на дополнителните доброволни ограничувања на производството.
„Барклис“ наведе две можни сценарија, доколку се намалат трговските тензии и ОПЕК+ ја олабави политиката за производство, цената на нафтата од Брент би можела да биде во просек 75 долари за барел. Сепак, ако побарувачката ослабне и ОПЕК+ се држи до својата сегашна стратегија, цената би можела да остане околу 50 долари за барел долго време.











