Јубилеј во сенка: VW го одбележува милионитиот EV, но профитот паѓа за 40%

Електричен јубилеј: Милионитиот ID.3 доаѓа во време на финансиски предизвици

Оваа недела, Volkswagen го произведе милионитиот електричен автомобил – спортскиот ID.3 GTX – во својата фабрика во Цвикау (Германија).

И додека вработените со нетрпение го очекуваа големиот јубилеј, раководството на компанијата во Волфсбург има многу грижи.

Имено, електричните автомобили се поскапи за производство и носат помала добивка во споредба со класичните бензински или дизел автомобили.

Во текот на јануари, февруари и март, еден од пет продадени автомобили на VW бил електричен. Иако тоа звучи импресивно, значително ја намали маржата на профит на само 4%.

Ситуацијата е дополнително комплицирана од фактот што многу европски земји ги укинаа државните субвенции за електрични возила, па затоа VW повеќе не може да смета на нив.

И покрај сè, VW го гледа спасот во претстојните прифатливи модели – пред сè ID.2 кој ќе чини околу 25.000 евра и ќе се произведува во Шпанија.

Тој модел и неговите деривати (Cupra Raval и Škoda Epiq) ќе користат нова верзија на механичката платформа MEB со погон на предните тркала, која е поевтина за производство.

Сепак, проблемите не завршуваат тука. Компанијата објави дека профитот пред оданочување во првиот квартал се намалил за дури 40% – на 3,1 милијарди евра, и покрај тоа што бројот на испорачани возила се зголемил за 1,4%.

Финансискиот директор Арно Антиц вели дека главната причина за ова е поголемиот удел на електричните модели во продажбата.

Уште поголема закана доаѓа од САД, каде што потенцијалните увозни тарифи на Трамп би можеле сериозно да ги нарушат плановите на Volkswagen Group за остатокот од годината.

Ауди и Порше немаат производствени погони во САД, што ги прави особено ранливи на новите трговски правила.