Работна посета на една од најголемите кинески провинции Сечуан, денеска оствари делегацијата на Стопанската комора на Македонија, предводена од претседателот на Комората, Бранко Азески, и од сопственикот на најголемата винарница во земјава Тиквеш од Кавадарци, Светозар Јаневски, претставници од Здружението Вина од Македонија, како и од Групацијата М6.
На средбата беа потенцирани можностите за проширување на соработката и посебно начините за зголемување на македонскиот извоз. Во разговорите на двете делегации се разгледуваа и можностите за поттикнување на вложувањата, за зголемување на инвестирањето на бизнисмените од провинцијата Сечуан во Македонија.
Посебно се разговараше за извозот на вина во Кина, особено во Сечуан, каде што македонските вина се веќе присутни со први количини, а лани во Кина беа извезени количини во вредност од еден милион долари.
Оваа посета на провинцијата Сечуан од страна на македонската делегација е во насока на зголемување на извозните можности за целиот вински сектор, како и презентирање на поволностите на македонската економија за привлекување странски инвеститори.
Посетата на македонската делегација продолжува и во текот на следните денови, при што ќе се остварат средби со Бирото за промоција на инвестициите на провинцијата Сечуан, како и со други институции. Притоа, македонската делегација ќе има можност да ја претстави поволноста од вложување во Македонија и да ги потенцира можностите за зголемување на соработката.
Инаку, делегацијата од 12-тина кинески стопанственици од провинцијата Сечуан, придружени од амбасадорот на Кина во Македонија, остварија средба во Стопанската комора на Македонија кон крајот на април годинава. Целта на нивната посета, иницирана од страна на М6 Групацијата, беше да се согледаат можностите за идна соработка и потенцијалите за влез на кинески инвестиции во земјава.
Посетата на македонската делегација на провинцијата Сечуан е возвратна посета за зголемување на извозот на Македонија во оваа провинција. Во октомври годинава делегација од Сечуан ја посети винарската визба Тиквеш од Кавадарци, каде што остварија деловна средба и со претседателот на Комората, Бранко Азески.