Пазарите на нафта под притисок: Зголемената понуда и трговската неизвесност ги намалуваат цените

Цените на нафтата беа пониски во вторник, под притисок од загриженоста за растечката глобална понуда и неизвесноста околу тоа дали паузата во трговската војна меѓу САД и Кина сигнализира реална перспектива за долгорочен договор.

Фјучерсите за сурова нафта од типот Брент во Лондон беа за 11 центи пониски, на 64,85 американски долари (59,89 евра) за барел. Американската сурова нафта WTI поевтини за осум центи, а се тргува по цена од 61,87 долари (57,17 евра).

И двата референтни индекси пораснаа за околу 1,5 проценти во понеделник, достигнувајќи ги највисоките нивоа на затворање од 28 април. Зголемувањето на цените доаѓа во време на зголемена нестабилност на глобалните пазари на нафта.

САД и Кина се согласија да ги намалат високите тарифи за најмалку 90 дена, што, потсетува Ројтерс, во понеделник предизвика силен раст на Волстрит, зајакнување на доларот и пораст на цените на нафтата.

„Иако ублажувањето на трговските тензии меѓу Кина и САД изгледа позитивно, сè уште постои голема неизвесност за тоа што ќе се случи по тие 90 дена. Таа неизвесност би можела да продолжи да врши притисок врз побарувачката за нафта“, велат аналитичарите на ING во белешка до клиентите.

Основните поделби што доведоа до спорот остануваат, вклучувајќи го трговскиот дефицит на САД со Кина и барањата на американскиот претседател Доналд Трамп за посилна кинеска акција против кризата со фентанил во САД.

„Останува значителна неизвесност околу идните преговори меѓу САД и Кина за време и по претстојниот 90-дневен период на затишје, со оглед на значителните разлики меѓу двете земји по клучните прашања“, напиша Ванг Тао, главен економист на UBS за Кина, во белешка до клиентите.