Одморот во Грција годинава ќе ве чини најмалку 30 отсто повеќе од лани

Одморот во Грција годинава ќе биде многу поскап од лани. Освен сместувањето кое годинава е поскапено за 20 до 30 отсто, нашиот јужен сосед воведе повисоки, туристички такси и даноци за претстојната сезона. Македонските туристи кои ќе летуваат во Грција ќе плаќаат дневен данок од 2 евра, што претставува значително зголемување во однос на досегашните 0,5 евра. Во периодот од април до октомври, во текот на ударната туристичка сезона, таксата ќе се зголеми на 8 евра.

Зголемување на таксите ќе има и за сместувањето. Така, за хотелите со една и две ѕвезди, како и за изнајмување соби, ќе се плаќа 2 евра, наместо досегашните 1,5 евра. Во хотелите со три ѕвезди ќе се плаќаат 2 евра повеќе, додека гостите во хотелите со четири ѕвезди ќе платат 10 евра наместо досегашните 7. Најголемо поскапување има за хотелите со пет ѕвезди и вилите, каде што таксата ќе порасне од 10 на 15 евра.

Од туристичките агенциите велат дека освен зголемените такси оние кои планираат одмор на грчките плажи годинава ќе се соочат и со поскапени аранжмани. Така во зависност од времето на летување и од оддалеченоста на апартманот од плажа цените на апартманите за седум дена се движат од 350 евра па нагоре.

-Оние кои секоја година одат во Грција ги користат попустите за ран букинг и си резервираат одмор по стара цена. Аранжманите за летување годинава се поскапени за 20 до 30 отсто во однос на лани, но и покрај тоа има голем интерес за летување во Грција, особено за апартманско сместување. Попустите за ран букинг почнуваат со 30 отсто од ноември. Како се доближува сезоната така се намалуваат и попустите. Најголемите попусти се до крајот на февруари, велат за „Локално“ од туристичките агенции.

Цените на сместувањето во Грција варираат во зависност од туристичката дестинација, близината до морето, видот на сместување, сезоната и други фактори.

Цената на хотелското сместување зависи од бројот на ѕвезди, сезоната, локацијата и понудата. Генерално, хотелското сместување може да чини помеѓу 30 и 200 евра за ноќ, во зависност од категоријата на хотелот.

Целиот текст на Локално.мк