
Помеѓу 2015 и 2024 година, цените на недвижностите во ЕУ се зголемија за 53%, а во некои земји трошоците дури и се зголемија за трипати.
Повисоките трошоци за изградба, каматните стапки на станбените кредити, ограничената понуда и зголемувањето на купувањето станови како инвестиција доведоа до неверојатни нивоа на цени во одредени земји-членки на ЕУ, пренесува „Еуроњуз“.
Унгарија забележа најголем раст – становите сега се три пати поскапи отколку во 2015 година. Денес, стан во главниот град Будимпешта чини во просек помеѓу 250.000 и 1,5 милиони евра, пишува Seebiz.
По него следува Исланд, каде што цените се приближно 2,5 пати повисоки отколку во 2015 година. Во главниот регион, Рејкјавик и шест околни општини, становите се најскапи, со просечна куповна цена од околу 558.000 евра.
Според податоците од Централната банка на Исланд, со зголемувањето на понудата и слабеењето на побарувачката, растот на цените на недвижностите се забавува, иако годишната инфлација на цените на становите во март сè уште изнесуваше 8%.
Во остатокот од Европа, исто така, имаше значителен пораст на цените на недвижностите во текот на изминатите девет години. Литванија, Португалија, Чешка, Бугарија, Естонија и Полска ги зголемија цените за повеќе од двојно.
На дното на листата е Финска, каде што цените на недвижностите не се значително повисоки отколку што беа пред речиси десет години. Сепак, постојат големи разлики во цените на становите помеѓу руралните области и, на пример, Хелсинки.
Според неодамнешниот извештај на „Глобалниот водич за недвижности“, падот на финскиот пазар на недвижности, кој започна во 2021 година и донесе годишен пад на цените од 14%, веројатно го достигна дното.
Се очекува дека економското закрепнување ќе поттикне постепено зголемување на цените на недвижностите, особено на новоизградените, додека цените на половни станови ќе се зголемат само маргинално – помеѓу 1 и 3% во текот на оваа година. Половните станови чинат во просек 4.612 евра по квадратен метар, што значи дека стан од 75 м² вреди околу 345.900 евра, додека во Хелсинки таа сума е поблиску до 400.000–500.000 евра.
Евростат нема податоци за цените на недвижностите во Грција, но според индексот на станбени недвижности на Централната банка на Грција, цените во урбаните средини се само малку над нивоата од 2008 година.