Минималецот ќе остане 24.400 денари до март наредната година ако не се избере репрезентативен синдикат

По првомајскиот протест, Сојузот на синдикати на Македонија почна кампања за привлекување нови членови под мотото „Не им работи за џабе, приклучи се на Сојуз на синдикатите на Македонија! Само заедно можеме да се избориме за работничките права“.

Социјалниот дијалог во државата е запрен, бидејќи Владата сè уште не закажала седница на Економско социјалниот совет на која треба да се утврди кој ќе биде репрезентативен синдикат. Доколку не се избере репрезентативен синдикат можно е годинава минималната плата да остане иста 24.400 денари и да го чека новото законско усогласување во март 2026 година.

-Борбата за зголемување на работничките плати се води секој ден. Од почетокот на годината, Сојузот на синдикатите на Македонија и синдикатите здружени во ССМ организираше 9 протести за зголемување, но и за исплата на плата и тоа за барањата на вработените од неколку министерства за утврдување на 30 отсто додаток на нивните плати, барањето на вработените во Колска и во културата за исплата на плата по колективен договор, барањето за зголемување на минималната плата за дополнителни 6.000 денари и останатите плати за истиот износ. Истовремено, правните тимови на ССМ и синдикатите здружени во ССМ, веќе подготвуваат тужби од работниците заради непочитување на Општиот колективен договор за јавен сектор, како и гранските и колективните договори на ниво на работодавач за неисплаќање на зголемувањето на платите предвидено со истите, туку се спроведуваат парцијални решенија со кои работниците не се задоволни, изјави за „Локално“, Слободан Трендафилов претседател на ССМ.

Од ССМ велат дека доколку не се избере репрезентативен синдикат можно е годинава минималната плата да остане иста 24.400 денари и да го чека новото законско усогласување во март 2026 година. Оттаму додаваат дека со последното усогласување во март се коригираа само минималните плати и повторно не се испочитува Колективниот договор за целиот јавен сектор, кој предвидува со порастот на трошоците за живот, платите да се коригираат за 12,6 проценти.