Пензионери и студенти ќе можат да работат без да се откажат од пензија или студии– државата ги покрива придонесите

Пензионерите и студентите добиваат можност за легално работно ангажирање без да ги загубат своите постојни права, како што се пензија или право на студирање. Собранието едногласно ги усвои измените на Законот за работно ангажирање, со кои се овозможува флексибилна работа за повеќе категории граѓани, меѓу кои и студентите и пензионерите. Новото законско решение предвидува овие лица да можат да бидат вклучени во дополнителна и сезонска работа, при што државата ќе ги покрива придонесите за пензиско и здравствено осигурување. Ова претставува значаен чекор кон зголемување на личните приходи и активна вклученост на овие групи на пазарот на труд.

Собранието на 49-тата седница едногласно со 73 гласа „за“ ги донесе дополнувањата на Законот за работно ангажирање на лица, со кои работно ангажирано лице може да биде лице кое не е во работен однос, вработено лице, самовработено лице, лица помлади од 18 години кои согласно општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос, студенти, корисник на семејна и старосна пензија, со исклучок на корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот и странец кој има регулиран престој согласно закон.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека со овој закон се регулира дополнителната и сезонската работа во државата, а лицата кои ќе бидат ангажирани по овој однос нема да ги загубат стекнатите права по другите односи. Законското решение, додаде, ќе биде поддржано со грант од 200 илјади евра од германска институција.

-Од него сите ќе имаат полза и државата која ќе го полни буџетот, работодавачите кои ќе можат да најдат вработени и граѓаните кои ќе имаат можност да работат и да бидат платени и да се ангажираат во делот што го сакаат. Предност ќе имаат угостителство, земјоделството и услужната дејност кои имаат недостаток на вработени, а доколку ги прошириме дејностите може да се направи дисбаланс на пазарот на трудот. Ќе можат да работат студенти, пензионери, социјално загрозени лица ,.., со што согласно закон не им се прекинува правото кое го имаат на пензија, на социјална помош, на студирање, а ќе може да бидат ангажирани и средношколци – рече Стојаноски.

Државата, посочи, ќе им ги плати давачките, пензиско и здравствено осигурување. На овој начин нови 30 илјади вработени ќе бидат ставени во системот.