3.777 денари по акција: Алта Гроуп тргнува по Стопанска банка Битола

Српски капитал тропа на вратите на Стопанска банка Битола

Стопанска банка АД Битола ја информира јавноста дека добила известување од српската компанија Алта Гроуп ДОО Београд  за намера за понуда за преземање на 100% од обичните акции со право на глас издадени од банката. Намерата за преземање е објавена на 20 мај 2025 година, а цената што Алта Гроуп ја предлага за една акција изнесува 3.777 денари.

Во добиеното известување стои дека согласно член 26-а од Законот за преземање на акционерски друштва покрај согласностите од домашните тела и институции вклучувајќи, но не ограничувајќи се на претходна согласност од  Народната банка на Република Северна Македонија, понудата е условена и со претходно одобрување на концентрација од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата на Република Србија (Странско одобрение). Во известувањето стои дека ќе биде поднесено и барање за добивање на дозвола за понуда за преземање до Комисијата за хартии од вредност, по добивање на Странското одобрение, а секако по добивање на согласностите од домашните тела и институции. Доколку странското одобрение не биде добиено, намерата ќе се смета за повлечена и нема да биде дадена понуда за преземање. Во однос на Странското одобрение, доколку надлежната институција за давање на Странското одобрение отфрли или одбие издавање на соодветно Странско одобрение, или не го издаде во рок од 12 месеци од објавата на намерата за преземање, Алта Гроуп ДОО Београд ќе извести соодветно согласно член 26-а, став 6 од Законот за преземање на акционерски друштва.