Колку би бил богат Бил Гејтс ако не беше филантроп?

Да не донирал ниту еден цент или да не продал дел од софтверскиот гигант, Гејтс денес ќе имал речиси 10 пати повеќе пари.

Неодамна Бил Гејтс повторно јавно истакна дека ќе го донира речиси целото свое богатство и дека до 2045 година ќе ја затвори хуманитарната фондација што ја основа заедно со поранешната сопруга Мелинда Френч Гејтс. Благодарение на вртоглавиот раст на акциите и дивидендите на „Мајкрософт“, од основањето на фондацијата „Гејтс“ во 2000 година Бил и Мелинда досега вложија вкупно 60,2 милијарди долари.

Со тоа го зацврстија својот статус како втори најголеми филантропи во Америка. И покрај нивната великодушност, тие сè уште се на 13. и 56. место на листата со најбогати луѓе во светот, со проценето богатство од 113 милијарди, односно 30,4 милијарди долари.

Но што ако Бил и Мелинда никогаш не се насочеа кон филантропија и не продадеа ниту една акција од „Мајкрософт“? Според процените на „Форбс“, нивното заедничко богатство денес би изнесувало 1,5 трилион долари. Бил би бил најверојатно првиот трилионер во историјата, со богатство од 1,2 трилиони долари, дури и по разводот со Мелинда во 2021 година. Тоа е повеќе од тројно од богатството на Илон Маск, најбогатиот човек досега, чие богатство се проценува на 388 милијарди долари (со врв од 464 милијарди во декември). Мелинда, под претпоставка дека добила еднаков удел по разводот, би имала околу 300 милијарди долари, што би ја направило трета најбогата личност во светот, веднаш зад Бил и Маск.

Непосредно пред да излезе „Мајкрософт“ на берзата во 1986 година, Бил поседувал 11,2 милиони акции, што претставувало 49 отсто од компанијата и вредност од околу 200 милиони долари по цена на иницијалната јавна понуда. Да ги задржел сите акции во следните четири децении, тој и Мелинда денес би имале 3,2 милијарди акции, односно 43 отсто од „Мајкрософт“, вредни 1,4 трилиони долари.

Во реалноста, Бил постепено продаваше и донираше акции. Денес неговиот удел во „Мајкрософт“ се проценува на само 0,9 отсто, вреден 28 милијарди долари (една четвртина од неговото целосно богатство).

Меѓу неговите најголеми познати инвестиции се компанијата за управување со отпад „Републик сервисес“, производителот на трактори „Дир & ко.“ и синџирот хотели „Фор сизонс“. Од друга страна, се проценува дека Мелинда поседува 380.000 акции на „Мајкрософт“ во вредност од 170 милиони долари (помалку од 1 % од нејзиното богатство). Ниту Бил ниту Мелинда не се појавува во пријавите на „Мајкрософт“ до Комисијата за хартии од вредност (SEC) откако Бил се повлече од Управниот одбор во 2020 година. Претходно, во 2008 година, се повлече од функцијата извршен директор за да се посвети на филантропијата.

Каков би бил светот без нивната филантропија?

Секако, оваа алтернативна реалност во која Бил и Мелинда ги задржуваат сите акции на „Мајкрософт“ би значела дека светот би немал многу добри дела. Преку фондацијата „Гејтс“, преименувана по заминувањето на Мелинда од функцијата копретседателка во јуни 2024 година, тие досега имаат доделено околу 47,7 милијарди долари на хуманитарни организации кои се борат за здравје и намалување на сиромаштијата, што е повеќе од која било друга личност освен Ворен Бафет, кој донира околу 62 милијарди долари, најмногу преку фондацијата „Гејтс“.

Промена на филантропските планови

И Мелинда ги промени своите филантропски планови. Во 2022 година инвестира 674 милиони долари во нова фондација наречена „Пивотал филантропис“. Во јуни 2024 година, откако претходно вети дека ќе донира една милијарда долари за три години во поддршка на правата на жените и девојчињата, објави дека ќе додели уште 12,5 милијарди долари во добротворни цели, како дел од нејзиното повлекување од фондацијата „Гејтс“.

И двајцата остануваат посветени на иницијативата „Гивинг плеџ“, која ја започнаа со Бафет во 2010 година, а има цел да ги поттикне богатите луѓе да донираат барем половина од своето богатство во текот на животот или преку тестамент.

– Моите родители ми покажаа што значи великодушност преку начинот на кој го користеа своето време и ресурсите. Кога дојде време да одлучам што ќе правам со богатството од „Мајкрософт“, знаев дека морам да го следам нивниот пример. Решив да донирам огромен дел од моето богатство за да им помогнам на што е можно повеќе луѓе. Свесна сум колку е апсурдно толкаво богатство да биде во рацете на само една личност. Верувам дека единствено одговорно нешто што можам да го направам со тоа богатство е да го споделам на најсоодветен и најефикасен можен начин – вели Мелинда Гејтс.