4 евра за кафе, 17 евра за фета?! Грција низ очите на обичниот човек

По скоро една деценија финансиска криза и по завршувањето на програмите за помош на грчката економија, Грција веќе шест години работи на својата економска рехабилитација, процес кој според Владата е успешно остварен.

Меѓутоа, за граѓаните, порастот на цените претставува главен проблем, барем според резултатите од анкетите, известува дописничката на МИА од Атина.

Леб над едно евро и млеко помеѓу едно и две евра се само дел од цените во грчките продавници, додека во рестораните порција чини повеќе од десет евра, во кафулињата кафето ретко е поевтино од четири евра, а бензинот се продава помеѓу 1,6 и 1,7 евра за литар.

Во маркетите, млекото е од 1 до 2 евра, лебот чини околу 1,20 евра за килограм, а популарната грчка фета се продава од 13 до 17 евра итн.

“Секако дека сè е поскапено, сега веќе чекаме попусти, намалувања, понуди за да ги купиме оние работи што ни се неопходни. Сега и намалената цена е многу повисока од цената пред неколку години. Се плашам дека овој тренд на зголемување ќе продолжи”, вели за МИА една повозрасна Гркинка додека купува во супермаркет во Атина.

Во исто време, сопствениците на кафулиња и ресторани во Атина, со кои разговараше дописничката на МИА, изјавуваат дека оваа година немаат значителни промени во цените во споредба со минатата година, барем засега.

“Гирото е 4,20, порциите се од 10 до 13 евра, салатите се околу осум евра. Истите цени ги имавме и лани”, велат од популарна таверна во центарот на Атина.

Од друга страна, омилените кафиња на Грците, ладното (фредо) еспресо и ладното (фредо) капучино, најчесто се продаваат по цена од 4 до 4,50 евра.

Дополнителна тешкотија за граѓаните, особено за оние кои немаат сопствен дом, се кириите, кои особено во Атина постојано и драматично се зголемуваат.

Според индексот на цени на една од платформите за недвижности, во првиот квартал на 2025 година има раст на цените на продажбите на станбени објекти во Грција, како и на цените за изнајмување, споредено со истиот период минатата година.

Во периодот јануари-февруари-март 2025 година, просечната цена на становите за продажба била највисока во јужните предградија на Атина, со 4.000 евра за квадратен метар, а најниска во Касториа (Костур) со 518 евра за квадратен метар.

За изнајмување, најниската цена е забележана во Килкис (Кукуш) со 4,00 евра за квадратен метар, а највисока на Халкидики со 27,5 евра за квадратен метар.

Минималната плата во изминатите шест години е зголемена за 35,4 отсто. Од 1 април годинава, минималната плата во Грција се зголеми за шест отсто или за 50 евра, односно од 830 на 880 евра, што беше петто зголемување откако Нова демократија дојде на власт во 2019 година кога изнесуваше 650 евра, додека намерата на Владата е во 2027 година, кога ѝ завршува мандатот, минималната плата да изнесува 950 евра.

Станува збор за бруто износ, додека нето износот е нешто помал од 750 евра и се однесува на околу 1,6 милиони вработени, како во приватниот, така и во државниот сектор.

Со покачувањето на минималната плата, индиректно се зголеми и просечната плата, која минатата година изнесуваше 1.342 евра.

“Работам над осум часа неделно, платена сум со минимална плата, односно 880 евра бруто, што значи добивам околу 740 евра, од кои над две третини ми одат на стан и сметки, киријата ми ја поскапеа, па принудена сум сега да се преселам заедно со брат ми за да ги поделиме трошоците и да може да се истера месецот”, вели за МИА 35-годишната Александра, која работи во приватна фирма со канцелариски мебел.

Младата девојка е само еден од многуте примери во земјата за, како што самата вели, “преживување со минимална плата во период на голема инфлација”.

Иако годишната инфлација за април беше два отсто, сепак цените на одредени производи, но и услуги, особено кириите и понатаму се високи, а граѓаните живеат своја секојдневна голгота, барем оние со кои разговара МИА.

Велат дека понекогаш со мака врзуваат крај со крај, иако минималната плата веќе втор месец е за 50 евра повисока, што според дел од Грците, не е доволно да се покријат сите покачувања.

Од друга страна, официјалните податоци покажуваат дека земјата ја остави зад себе кризата и се чини дека актуелната Влада е цврсто решена да оди напред.

“Постоеше период кога Грција честопати се сметаше за „проблематично дете на Европа“, дури и беше доведено во прашање местото во европското семејство”, рече неодамна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во Берлин, кога беше награден за владините реформи и закрепнувањето на грчката економија.

Тој истакна дека економијата “расте многу побрзо од просекот во Еврозоната”, а овој раст се должи пред сè на странските, но и на домашните инвестиции.

“За 2024 година, се очекуваше нашиот примарен суфицит да биде близу 2 отсто. На крајот изнесуваше 4,8 проценти. Нашиот долг како процент од БДП, што е најважниот индикатор за агенциите за рејтинг и за сите економисти кои ја гледаат макроекономската состојба на грчката економија, се намалува со најбрзо темпо од која било земја на ОЕЦД”, посочи Мицотакис.

Јавниот долг на Грција за 2024 година изнесуваше 153,6 отсто од БДП, додека според последните предвидувања од Европската комисија ќе продолжи да се намалува на 146,6 отсто за оваа и на 140,6 проценти во 2026 година, а намалувањето се должи на зголемувањето на номиналниот БДП, како и на буџетските суфицити.

Според истите предвидувања, инфлацијата, која минатиот месец беше 2 отсто, за оваа година се очекува во просек да биде 2,8 проценти и во 2026 година да се намали на 2,3 проценти.

Според мајскиот извештај за финансиска стабилност објавен од Банката на Грција, минатата година економијата бележи раст “со задоволително темпо, значително повисоко од она во еврозоната четврта година по ред”, додека “опасностите за финансиската стабилност во Грција се главно егзогени и поврзани со геополитичките тензии и порастот на трговскиот протекционизам”.

“Годишната стапка на раст на бруто домашниот производ (БДП) во реални услови достигна 2,3 отсто во 2024 година, повеќекратно поголема од соодветната стапка во еврозоната. Приватната потрошувачка, инвестициите и извозот на услуги, главно позитивно придонесоа за економскиот раст. Поконкретно, приватната потрошувачка се зголеми со забрзано темпо, поткрепена од зголемувањето на реалниот расположлив доход на домаќинствата. Инвестициите го задржаа својот тренд на раст во 2024 година”, пишува во извештајот.

По пандемијата и војната во Украина, цените во Грција се зголемија, цени кои се однесуваат како на основните прехранбени производи, така и на останатите производи и услуги, иако инфлацијата постепено се стабилизира.

Како што истакнавме, зголемувањето на цените и понатаму останува главен проблем за граѓаните, нешто што се констатира и од анкетите во Грција, спроведени во изминатиот период.

Според официјалните податоци од Службата за статистика, годишната инфлација во април била 2 отсто, а од лани до оваа година во конкретниот месец, зголемување на цените има кај прехранбените производи и безалкохолните пијалаци, кај облеката и обувките, станбените кирии, кај фармацевтските производи и медицинските услуги, како и на цените во хотелите и во кафулињата и рестораните.

Поконкретно, за една година, најголемо зголемување, за 29,9 отсто има кај природниот гас, за 27,6 проценти е поскапо патувањето со авион, кириите се зголемени за 10,8 отсто, кафето, какаото и чајот за 10,6 проценти, свежите риби се за 8,9 отсто поскапи, овошјето за 8,2 проценти, месото за 5,7 отсто, струјата за 4,7 проценти, зеленчукот, лебот, јајцата меѓу 2,8 и 3,3 отсто.

Од друга страна, намалување на цените има кај маслиновото масло (за 28,3 проценти) и нафтата за греење (за 12,9 отсто).

За да се задржат на исто ниво цените на одредени основни производи или да има минимално зголемување, од ноември 2022 година со одлука на Владата во супермаркетите беше воведена т.н. „Кошничка за домаќинствата“ со над 50 производи, меѓу кои ориз, леб, двопек, брашно, макарони, свинско и пилешко месо, риба, млеко и млечни производи, јогурт, јајца, различни видови сирење и кашкавал, зејтин, шеќер, кафе, какао, сокови, бебешка храна, средства за чистење, детергенти, тоалетна хартија, паста за заби, производи за лична хигиена, влошки, сапун, антисептик, пелени, храна за кучиња и мачки итн.

Податоците од Службата за статистика за месец април, покажуваат за 6,4 отсто зголемување на цените во хотелите, кафулињата, рестораните споредено со лани.

Минатата година беше рекордна за грчкиот туризам, земјата ја посетија речиси 36 милиони туристи, бројка што е за 9,8 отсто повисока споредено со 2023 година, а зголемување за 5,4 проценти има и во приходите за земјата што достигнаа до 21,7 милијарди евра.