Цените на нафтата пораснаа во пресрет на состанокот на ОПЕК+

Цените на нафтата малку се променија во вторник, поради растечките очекувања дека членовите на Организацијата на земјите извознички на нафта и нивните сојузници, познати како ОПЕК+, ќе одлучат за зголемување на производството на состанок подоцна оваа недела.

Фјучерсите за суровата нафта „Брент“ се зголемија за 11 центи, или 0,2 проценти, на 64,85 долари за барел, додека американската сурова нафта „Вест Тексас интермедијар“ (WTI) доби шест центи, или 0,1 процент, на 61,59 долари за барел.

Во понеделник, потсетува Ројтерс, немаше склучување на договорот за WTI поради американскиот празник Ден на сеќавањето.

Се очекува ОПЕК+ да ги финализира производствените квоти за јули на својот состанок, што ќе вклучува зголемување на производството за 411.000 барели дневно, изјавија извори за Ројтерс претходно.

Рускиот вицепремиер Александар Новак истакна дека ОПЕК+ сè уште не разговарал за тоа и се претпоставува дека групата ќе ги финализира квотите на онлајн министерскиот состанок на 28 мај.

Осумте членки на ОПЕК+ кои претходно ветија дополнителни доброволни намалувања сега треба да се состанат на 31 мај, еден ден порано од првично планираното, изјавија за Ројтерс во понеделник три извори во групата.