
Американски федерален судија го спречи стапувањето на сила на возвратените давачки, воведени на втори април од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп, а објавени на таканаречениот „Ден на ослободувањето“.
Пресудата на судот гласеше дека претседателот ги надминал своите надлежности со наметнување давачки за увоз од држави кои увезуваат повеќе производи во Америка отколку што извезуваат.
Сепак, судската одлука не ги засега давачките од 25 отсто кои Трамп ги наложи за увоз на возила, железо и алуминиум.
Судот за меѓународна трговија, со седиште во Менхетен, во својата одлука наведе дека Уставот на САД му доделува ексклузивни права на Конгресот да ја регулира трговијата со странски држави, кои не смеат да бидат одземени во рамки на итни овластувања на претседателот за заштита на американската економија.
Администрацијата на Трамп поднесе жалба против блокирањето на таканаречените „реципрочни“ давачки.
„Со ова се известува дека обвинетите поднесуваат жалба до Апелациониот суд на САД“, се вели во судскиот документ.











