Југо се враќа: Еве колку ќе чини

На Car Design Event 2025 во Минхен, беше претставен модел кој го открива дизајнот на идното Југо, градски автомобил сличен на моделот што се произведуваше во 80-тите и 90-тите години во Крагуевац, Југославија.

Хечбекот со три врати ја црпи својата инспирација од легендарниот оригинал со ограничени димензии и рамни, минималистички површини. Сето ова е украсено со модерни детали како што се светлосни потписи, осветлена маска и лого на брендот.

Во финалната производствена верзија, Југо ќе се врати како прифатлив модел со три врати под прероденото име Југо Автомобил, сето тоа благодарение на д-р Александар Бјелиќ, германски професор со корени од Србија.

По презентацијата на моделот, Дејли Меил разговараше ексклузивно со Александар, кој се опишува себеси како колекционер на автомобили, активен член на неколку автомобилски клубови и претставник на ФИВА, глобалната федерација за класични автомобили. Неговото искуство во автомобилската индустрија произлегува од 20 години активна работа на неколку национални и меѓународни менаџерски позиции во автомобилскиот сектор, во ZF, Bosch, Behr…

– Специјалитетот на името Југо е неговата историја. Повеќето луѓе мислат дека „Југо“ потекнува од името Југославија. Сепак, тоа не е вистина. Првите модели се викале Југо со буквата „Ј“, а го добиле своето име од топлиот и влажен јадрански ветер што дува од југ. Името Југо ми е важно бидејќи беше домашно произведен автомобил со делови од целата земја. Југо имаше иста цел како Форд со Модел Т и Фолксваген со Буба: да направи автомобил за сите. Мора да се земе предвид дека кога Југо првпат беше увезен во САД, тоа беше најувезениот автомобил во САД во 1985 година. Денес Југо има многу силна база на обожаватели и култен статус. Затоа, нема потреба да се подобрува угледот бидејќи не беше толку лош како што го опишуваа многу Американци. Многумина ја занемаруваат неговата цена од 3.990 долари во тоа време. Автомобилите двојно поскапи од Југо не беа полоши, но не и подобри.

Тој истакнува дека новиот Југо ќе биде достапен на сите релевантни пазари каде што моментално се продаваат брендови како Дачија и Фиат, објавува Индикатор. Секако, поради историјата, пазарите на поранешна Југославија и Балканот ќе бидат во силен фокус, но не исклучиво.

– Во 2027 година ќе претставиме прототип со четирицилиндричен мотор со внатрешно согорување. Тимот веќе започна со работа – истакнува тој.

Според него, целта е цената да биде под 20.000 евра.

– Разговарав со разни производители за трошоците и оваа цена не е нереална, може да се исполни. Името на првиот модел на новиот бренд Југо, мал хечбек со три врати, ќе биде Сиај. Ова е комбинацијата од првите букви од имињата на моите деца: Салеена Изабела и Алиса Јасмин – заклучува Александар Бјелиќ за Југо прес.