Од 1.426 баратели, на 776 им е отпишан долгот од каматите кон ПИОМ

49

Правото на отпис на камата по основ неплатени придонеси за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, доколку во целост се исплати долг направен до 31 декември 2008 година, го искористиле 766 правни субјекти и физички лица, иако во предвидениот рок до Фондот за ПИОМ биле пристигнати 1.426 барања. На останатите должници кои не ја искористиле можноста ќе им бидат блокирани сметките. Од вкупниот број 547 се правни субјекти, 59 адвокати, 127 индивидуални земјоделци и 33 свештени лица, односно 26 попови и 7 оџи.
Како што информираше денеска директорот на ФЗОМ, Беким Незири, вкупниот долг и уплатен придонес од обврзници кои го искористиле 766-те правни субјекти и физички лица е во висина од 510.518.934 денари, од кои основниот долг бил 271.039.418 денари, а каматата за отпис 239.479.516 денари.
Незири појасни дека вкупниот долг кон Фондот на ПИОМ по основ на неплатени придонеси за пензиско и инвалидско осигурување заклучно со 2008 година изнесува 10 милијарди денари и додаде дека од тој долг само 2,3 милиони денари би можеле да се наплатат, бидејќи останатите должници се или во стечај, ликвидација, или не постојат.
“На ваков начин, ние со сегашните уплати и отпис на камати намаливме околу 25% од реалниот долг што обврзниците го имаат кон Фондот за ПИОМ”, изјави Незири.
Сите должници кои ја исплатија главницата на долгот до 2008 година, годинава ќе можат да аплицираат и за отпис на камата по основ на долг за неплатени придонеси по 2008 година, што е во надлежност на УЈП.