Европските берзи пред седмични загуби

Индексите на европските берзи пораснаа во петокот во претпладневното тргување, но сè уште се на пат кон седмични загуби, бидејќи инвеститорите се загрижени за континуираниот конфликт меѓу Израел и Иран.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции порасна за 0,4 отсто во првиот дневен пресек од тргувањето, но сè уште е на пат за втора последователна седмица загуби. Претпладнево лондонскиот индекс FTSE порасна за 0,33 отсто на 8.820 поени, додека франкфуртскиот DAX порасна за 0,77 отсто на 23.235 поени, а парискиот CAC 40 порасна за 0,62 отсто на 7.600 поени.

Азиските берзи, исто така, тргуваат претпазливо. Индексот MSCI Азиско-пацифички пазар порасна за 0,2 отсто во истиот термински пресек како и во Европа, но сè уште се соочува со седмичен пад од околу 1 отсто. Цените на акциите во Хонгконг и Јужна Кореја се зголемија меѓу 0,9 и 1,5 отсто. Во Шангај, Јапонија и Австралија, пак, се лизнаа меѓу 0,1 и 0,2 отсто.

Пазарите се претпазливи бидејќи ракетните напади меѓу Израел и Иран влегуваат во втората седмица, а конфликтот би можел дополнително да ескалира бидејќи Вашингтон ја разгледува можноста за напад врз Иран. Белата куќа вчера соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе одлучи во следните две седмици дали САД ќе му се приклучат на Израел во нападите врз Иран.