
Во последните денови се појавија шпекулации дека Maserati повторно се продава.
Во текот на 2024 година, продажбата драстично падна, а негативниот тренд продолжи и во првите три месеци од 2025 година, со пад од дури 48 проценти. Во таква атмосфера, повторно се појавија гласини дека Stellantis би можел да го продаде овој познат италијански бренд.
Но, од автомобилскиот гигант дојде јасен одговор: „Со почит, Maserati не е на продажба!“
Реакцијата дојде откако Ројтерс го контактираше Stellantis за најновите шпекулации за можна продажба. Портпаролот на концернот накратко ги отфрли тие тврдења и ја потврди својата посветеност на брендот, и покрај лошите резултати.
И покрај официјалните негирања, Ројтерс дознава од два неименувани извори дека Stellantis ја ангажирал консултантската фирма McKinsey уште во април. Целта на овој ангажман е да помогне во справувањето со новата ситуација, првенствено поради најавените увозни давачки, и да се преиспита стратегијата за Maserati. Една од опциите што McKinsey наводно ги разгледува е делумно или целосно повлекување на Stellantis од сопственост на брендот. Според истите извори, менаџментот побарал од консултантите да ги „разгледаат сите опции“, а работата е сè уште во рана фаза, па затоа не е на повидок конкретна одлука.
Наводно, постои поделба и во самиот менаџмент на Stellantis. Дел од членовите веруваат дека Maserati, како единствен луксузен бренд во рамките на групацијата, има стратешка вредност. Но, други веруваат дека Stellantis едноставно нема доволно ресурси за да го поддржи Maserati преку потребното обновување на понудата, особено со паралелната транзиција на други брендови како што е Alfa Romeo.
ФотоPixabay