Светска банка: Западен Балкан во нова рецесија, земјите презадолжени

46

Земјите од Западен Балкан годинава се соочуваат со нова рецесија, при што најголем пад на економијата од 2,5% се очекува во Србија, а опоравувањето во 2013 година ќе биде многу споро, предупреди Светска банка.

Координаторот на Светска Банка за Западен Балкан, Џејн Армитиџ укажува дека нивоата на долг во некои земји се превисоки.

“Би рекла дека долгот во Црна Гора, Србија и Албанија е на многу опасно ниво, особено во Албанија каде е 60% БДП, но забрзано расте и во Србија и во Црна Гора“, вели Армитиџ во интервју за Ројтерс.

Банката има најпесимистична прогноза за Србија, најголемата економија во регионот, затоа што земјата има проблем да го стимулира растот, додека се обидува да го намали буџетскиот дефицит.

„Оваа продолжена неизвесност во еврозоната значи дека се соочуваме со нова рецесија. За оваа година, во овој момент, би рекле дека Западен Балкан е во рецесија“, вели Армитиџ.

Албанија и поранешните југословенски републики се соочени со пад на извозот и “пресушување” на директните странски инвестиции поради кризата во еврозоната, главен извор на трговија и инвестиции за Балканот.

Армитиџ вели дека иселениците праќаат помалку пари, а сувата зима и топлото лето ги погодија земјоделскиот сектор и производството на струја од хидроцентралите.

„Само Косово, мала економија со 1,7 милиони жители, веројатно ќе продолжи да расте поради ниското ниво на интегрираност со европскиот пазар, малиот долг и големите инвестициите во инфраструктурата“, вели Армитиџ за Ројтерс.

Во сите други земји, ситуацијата е лоша.

“Следната година растот ќе биде многу бавен во регионот. Дефицитот секаде расте, па земјите се соочуваат со тешки времиња. Треба да продолжат по патот на фискална консолидација и да почнат да го намалуваат нивото на долг, но во исто време растот е многу низок, а постои огромна потреба за инвестиции во инфраструктурата”, вели Армитиџ.