Економистите алармираат – секое ново задолжено евро мора да донесе раст, а не да „гасне“ стари долгови!
Следната 2026-та за отплата, само по основ на Еврообврзница, доспеваат 700 милиони евра. Се работи за Еврообврзница што беше издадена во 2020. Владата одлучи повторно да излезе на меѓународниот финансиски пазар – во потрага по сумата што ќе се искористи за враќање на долгот што доспева следната година.
Процедурите, според информациите од Министерството за финансии веќе се започнати. Според првичните најави вредноста на Еврообврзницата ќе се движи од 700 до 950 милиони евра. Дополнително на владина седница е одлучено да се обезбеди и заем во висина од 70 милиони евра, но на домашниот пазар. Со овој план, Владата во економската 2026- та ќе се задолжи нови, повеќе од 1.000.000 000 евра, а дел од оваа сума или 700.000.000 евра ќе се одлеат за отплата на Еврообврзницата што доспева следната година.
Претходно веќе се договори Унграскиот кредит во износ од 1 милијарда евра а во најава е и заем од 5 милијарди евра зад кои како гарантор стои Велика Британија. Не се важни само сумите што ги позајмуваме, туку и намената на средствата , особено што се работи за високи износи, коментираат економистите за „Локално“.
-Комоцијата за задолжување практично повеќе ја нема. Она што државата го има е само простор за преговори, но не и за долгорочно одржливи решенија. Вистинското прашање е: не колку уште можеме да позајмиме, туку дали овие средства ќе се искористат за проекти што генерираат раст или ќе останат во циклус на буџетска потрошувачка. Без европски грантови, без фондови за зелена и дигитална трансформација и без капитални инвестиции, секое ново задолжување ќе биде само одложување на кризата и поголем товар за граѓаните. Македонија повеќе нема комоција за задолжување, секое ново евро мора да создаде раст, а не само да гаси стари долгови, вели за „’Локално“ универзитетскиот професор, економистот Абил Бауш.
Целиот текст на Локално.мк