
За прв пат по 50 години, Шведска планира да го прошири својот нуклеарен капацитет. Електраната Рингхалс на југозападот од земјата ќе има три или пет таканаречени мали модуларни нуклеарни реактори со вкупен капацитет од околу 1.500 мегавати, објави владата.
Тоа е еквивалентно на приближно два конвенционални реактори.
„За прв пат по 50 години, во Шведска ќе се изгради нова нуклеарна централа“, изјави премиерот Улф Кристерсон на прес-конференција во четврток, според француската новинска агенција АФП.
Скандинавската земја гласаше за постепено укинување на нуклеарната енергија на необврзувачки референдум во 1980 година, а Шведска оттогаш затвори шест од своите 12 застарени нуклеарни реактори.
Сепак, во обид да се намали употребата на фосилни горива, повеќето политичари сега ја поддржуваат експанзијата на нуклеарната енергија, заедно со обновливите извори на енергија.
Шведската државна енергетска компанија „Ватенфал“, која исто така разгледувала конвенционални нуклеарни реактори, изјави дека ќе ја избере британската „Ролс-Ројс“ или американската група „ЏЕ Вернова“ за снабдување на малите модуларни нуклеарни реактори.
Извршната директорка Ана Борг изјави дека трошоците за проектот „сè уште се во процес на преговори“ и додаде дека „Ватенфал“ има за цел да изгради нови реактори до околу 2035 година. Шесте активни шведски реактори моментално обезбедуваат околу 30 проценти од потребите на земјата за електрична енергија.
Малите модуларни нуклеарни реактори се релативно лесни за изградба, што ги прави попристапни од големите нуклеарни реактори. Сепак, технологијата е сè уште во експериментална фаза и само неколку вакви единици се изградени во светот.











