
Глобалната туристичка индустрија – која вработува стотици милиони луѓе – би можела да се соочи со невидена трансформација
Почестите топлотни бранови, шумските пожари и зголемувањето на трошоците за патување покренуваат сериозни прашања за иднината на глобалната туристичка индустрија. Иако туризмот доживеа силен закрепнување по пандемијата, има сè повеќе знаци дека секторот би можел да влезе во нова, неизвесна фаза – она што аналитичарите го нарекуваат „ера на нетуризам“.
Она што некогаш беше „безбеден рецепт“ за одмор – сонце и море – сега сè повеќе станува фактор на ризик. Одморалиштата во јужна Европа, од Грција до Шпанија, бележат температури над 40 степени во јули и август, додека шумските пожари ја загрозуваат не само туристичката сезона, туку и безбедноста на локалното население.
Дестинациите што со децении се потпираа на масовниот туризам се соочуваат со предизвик – како да привлечат посетители кога климатските екстреми стануваат сè почести?
Економијата на патување под притисок
Покрај климатските промени, економските фактори ја оптоваруваат и индустријата. Цените на авионските билети растат поради повисоките цени на горивата и регулативите поврзани со емисиите на CO₂. Инфлацијата во многу земји ги ограничува буџетите на туристите, додека во исто време цените на сместувањето и услугите на популарните дестинации постојано растат.
Сè повеќе има примери на туристи кои се откажуваат од традиционалните летни одмори и избираат алтернативни опции – пократки патувања, престој во своите земји или одење на посеверни и постудени дестинации. Скандинавија, па дури и Исланд, бележат зголемување на интересот токму поради попријатната клима и чувството на безбедност.
Што е следно?
Доколку продолжат сегашните трендови, глобалната туристичка индустрија – која вработува стотици милиони луѓе – би можела да се соочи со невидена трансформација. Наместо раст, секторот би можел да влезе во период на стагнација или дури и пад, што особено би ги погодило земјите чии економии зависат од приходите од странски посетители, пишува Бизнисинфо.ба.
Некои експерти веруваат дека иднината на туризмот ќе зависи од тоа колку брзо дестинациите можат да се прилагодат: со воведување нови модели на одржлив туризам, продолжување на сезоните надвор од летните месеци и развивање алтернативни туристички производи.











