Аутсорсинг индустријата во Бугарија има голем потенцијал за раст во наредните 10 години, но за реализација е важно земјата да успее да ги презентира можностите што ги има, изјави заменик министерот за економија Красин Димитров на конференцијата “Можности и предизвици за Бугарија во секторот на споделените услуги и аутсорсинг на бизнис процеси”, организирана од Бугарската аутсорсинг асоцијација (БАА), пишува софиски Капитал.
Според резултатите од студијата на БАА, само во следните пет години овој сектор двојно ќе порасне.
“Во моментов во аутсорсинг индустријата во Бугарија се ангажирани над 22.000 луѓе, а нашите очекувања се до 2018 година нивниот број да надмине 45.000”, коментира Илија Крстев, еден од основачите на БАА.
За последните четири години, бројот на вработени во овој сектор се зголемува во просек по 19% на годишна основа, а реализираните приходи од компаниите од индустријата изнесуваат 450 милиони евра годишно.
Според Димитров, во моментов Бугарија е втора најатрактивна европска аутсорсинг дестинација. Пред неа е само Естонија, а во светски рамки пред Бугарија се само уште Индија, Индонезија и Сингапур.
Меѓу главните предности на Бугарија, заменик министерот ги посочува поволниот даночен режим – најниски даноци за бизнисот, пониските плати во споредба со оние во другите земји од ЕУ, квалификувана работна сила, пристап до широкопојасен интернет и близината до главните пазари на Западна Европа.
Други сектори со потенцијал за привлекување странски инвестиции, според него, се информатичката технологија, електрониката, превозната опрема и машинството, хемиската индустрија, прехранбената индустрија и логистиката.