Нови рекорди на берзите, цената на акциите на софтверски гигант скокна за дури 36 проценти

На Волстрит во среда, индексот S&P 500 достигна нов рекорден максимум, како и Nasdaq, благодарение на порастот на цените на акциите на неколку големи технолошки компании.

Дау Џонс се лизна за 0,48 проценти, на 45.490 поени, додека S&P 500 порасна за 0,30 проценти, на 6.532 поени, а индексот Nasdaq за 0,03 проценти, на 21.886 поени.

Во шест од 11-те најважни сектори на S&P, цените на акциите паднаа вчера, додека најмногу пораснаа во технолошкиот сектор.

Цената на акциите на Oracle скокна за дури 36 проценти откако софтверскиот гигант објави дека побарувачката за неговите cloud услуги од компаниите што развиваат вештачка интелигенција расте.

Цените на акциите на производителите на чипови, исто така, силно пораснаа. Така, акцијата на Broadcom порасна за 10 проценти, на Nvidia за 3,8 проценти, а на Advanced Micro Devices за 2,4 проценти.

На пазарот позитивно влијаеја и податоците за цените на производителите, кои пораснаа помалку од очекуваното во август.

Инвеститорите се надеваат и дека извештајот за потрошувачките цени, кој ќе биде објавен во четврток, ќе покаже дека инфлацијата не се зајакнала.

Tоа значи дека има сè помалку пречки за американската централна банка да ги намали каматните стапки.