На европските компании им се заканува затворање поради сè уште тешкиот извоз на ретки елементи од Кина

Европските компании очекуваат нови затворања и загуби, бидејќи Пекинг продолжува строго да го ограничува извозот на ретки минерали, и покрај договорот со Брисел од јули, кој требаше да ги забрза испораките во ЕУ, објави во вторник Трговската комора на Европската унија во Кина.

„Без оглед на договорите и ветувањата од европско-кинескиот самит на 24 јули, сè уште гледаме дека има застој за нашите членови“, изјави за новинарите Јенс Ескелунд, претседател на комората.

Во јуни, производителите на автомобили во Европа и на другите континенти мораа да го одложат производството и да ги затворат фабриките откако Пекинг воведе ограничувања за извоз на некои ретки земни минерали и магнети како одговор на царините објавени од американскиот претседател Доналд Трамп.

Производителите на чипови, исто така, поднесоа петиција до Пекинг  за олеснување на режимот на извоз.

Кина ги обработува огромното мнозинство ретки земни минерали од кои зависат производителите на автомобили, воената индустрија и другите сектори. Кина инсистира дека нејзините ограничувања за извоз не се дискриминаторски и дека мерките не се насочени против која било конкретна земја.

На самитот во јули каде што се сретнаа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и кинескиот претседател Си Џинпинг, Кина се согласи да го забрза издавањето на извозни лиценци за клучни суровини за европските компании, иако не го исполни барањето на Европската унија Пекинг да одобри лиценци за подолг период или целосно да ги откаже лиценците за извоз во ЕУ.

Одобрувањето на нови дозволи се забави само два месеци по самитот, па Европската комора во Кина објави дека добива сè повеќе поплаки и барања за помош од своите членови, европски компании што работат во Кина.

„Мислам дека може слободно да се каже дека не сме виделе никаква суштинска промена од самитот“, рече Ескелунд. Комората вели дека очекува некои европски компании да го прекинат производството поради запирање на извозот.

Податоците од кинеската царина покажуваат дека извозот на магнети од ретки земни метали, вклучително и во Европа, драматично се зголемил од јуни, по договорите што Пекинг последователно ги постигна со САД и Европската Унија.

Во јули, најголемата извозна дестинација за кинески магнети од ретки земни метали беше Германија, каде што беа испратени 1.116 тони пратки, додека 619 тони беа испратени во САД.

Но, Ескелунд вели дека помалку од една четвртина од приближно 140 барања за извозни лиценци во кои била вклучена комората досега се одобрени од кинеските власти. Некои европски компании превентивно поднесуваат формални барања за извоз, бидејќи веќе очекуваат доцнења во испораките што би можеле да доведат до значителни загуби.

„Имаме значителен број членови кои моментално трпат загуби поради ваквите тесни грла“, рече Ескелунд.

Фото: Pixabay