Европските берзански индекси во пораст

Европските берзански индекси денес растат, следејќи го трендот по рекордните вредности на индексите на Волстрит, кои беа поттикнати од најавата на производителот на чипови Nvidia дека ќе инвестира до 100 милијарди долари во компанијата Open AI за изградба на центри за податоци.

Цената на златото достигна нов максимум и се искачи на повеќе од 3.750 долари за унца, поради очекувањата дека Федералните резерви на САД ќе продолжат да ги намалуваат каматните стапки.

Денес, инвеститорите ги следат прелиминарните „брзи проценки“ за деловната активност во земјите од еврозоната, Германија, Франција и Велика Британија во септември, а подоцна оваа недела ги очекуваат и резултатите од анкетата за расположението на потрошувачите и бизнисите во Германија.

Што се однесува до монетарната политика, Швајцарската национална банка и шведската Риксбанк треба да ги објават одлуките за каматните стапки, а се очекува двете банки да ги задржат каматните стапки на сегашното ниво.

Денес во 9:30 часот, индексот DAX на Франкфуртската берза порасна за 0,48 проценти на 23.649,83 поени, францускиот CAC 40 за 0,62 проценти на 7.878,40 поени, британскиот FTSE 100 за 0,21 процент на 9.246,65 поени, а московскиот MOEX за 0,38 проценти на 2.751,56 поени.

Вредноста на американскиот берзански индекс Dow Jones порасна за 0,14 проценти на 46.381,54 поени, вредноста на индексот S&P 500 за 0,44 проценти на 6.693,75 поени, а вредноста на индексот Nasdaq за 0,7 проценти на 22.788,98 поени.

Европските фјучерси за гас за октомври беа продадени на отворањето на берзата TTF по цена од 31,844 евра за мегават-час.

Според моменталните податоци од берзата, цената на суровата нафта падна на 62.028 долари, а цената на нафтата од типот Брент на 66.268 долари.

Цената на златото се искачи на 3.752,12 долари за унца, а цената на пченицата падна на 5,0854 долари за бушел (еден бушел е еднаков на 27,216 кг).

Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Форекс е 1,17855 долари, што е за 0,12 проценти помалку отколку на почетокот на тргувањето.