
Значителен напредок е постигнат во намалувањето на емисиите на стакленички гасови и загадувањето на воздухот, но целокупната состојба на европската животна средина не е добра, соопшти Европската агенција за животна средина (EEA) при презентирањето на својот последен извештај.
Проценката беше објавена откако земјите-членки на Европската унија не успеаја да презентираат формален план за понатамошно намалување на емисиите на стакленички гасови до 2035 година на климатскиот самит на ОН минатата недела поради несогласувања меѓу нејзините 27 земји-членки.
ЕУ, исто така, не може да се согласи со амбициозниот предлог на Европската комисија за намалување на емисиите за 90 проценти до 2040 година во споредба со нивоата од 1990 година.
Емисиите на стакленички гасови во Европската Унија се намалија за 37 проценти од 1990 година, значително повеќе отколку во другите големи земји загадувачи како што се Кина и САД, поради намалената употреба на фосилни горива, објавува Хина, и двојно зголемување на употребата на обновливи извори на енергија од 2005 година.
Земјите од ЕУ мора да „ја зајакнат имплементацијата на политиките и долгорочните мерки за да овозможат одржливост што веќе се договорени во рамките на Европскиот зелен план“, кој беше усвоен за време на претходниот мандат на Европската комисија, објави ЕЕА.
Природните области на континентот продолжуваат да се соочуваат со деградација, прекумерна експлоатација и губење на биодиверзитетот, анализира ЕЕА, која собра податоци од 38 земји низ континентот за својот извештај. Водата станува сè поретко распространет ресурс, а површините на земјиштето се претерано искористени.
Околу 81 процент од заштитените живеалишта се во лоша или многу лоша состојба, 60 до 70 проценти од почвата е деградирана, а 62 проценти од водните тела не се во поволна еколошка состојба, се наведува во извештајот.
Климатските промени го влошуваат недостигот на вода, но ЕЕА вели дека со подобро управување, технолошки иновации, повторна употреба на водата и подигање на јавната свест, можно е да се заштедат до 40 проценти од водата во земјоделството, водоснабдувањето и енергијата.
Фреквенцијата на екстремни топлотни бранови се зголемува, но само 21 од 38-те земји-членки на ЕЕА имаат здравствени акциони планови за случаи на топлотни бранови, забележува агенцијата.
Екстремните временски и климатски настани, како што се топлотни бранови, поплави, лизгање на земјиштето и шумски пожари, доведоа до повеќе од 240.000 смртни случаи помеѓу 1980 и 2023 година во 27 земји од ЕУ. Финансиските трошоци во случај на вакви настани се зголемуваат.
Просечните годишни економски загуби беа 2,5 пати поголеми помеѓу 2020 и 2023 година отколку во периодот од 2010 до 2019 година. На пример, санацијата на поплавите во Словенија во 2023 година изнесуваше 16 проценти од бруто домашниот производ (БДП) на земјата. Затоа, агенцијата ја повика Европа да го прилагоди своето општество и економија.
„Опстанокот на луѓето зависи од висококвалитетната природа, особено кога станува збор за прилагодување кон климатските промени“, изјави за новинарите на конференцијата Кетрин Ганцлебен, раководител на одделот за одржливи и праведни транзиции на ЕЕА.
Спречувањето на загадувањето го намалува бројот на смртни случаи и болести и нивните штетни последици. Кога станува збор за загадувањето на воздухот, бројот на смртни случаи поврзани со изложеност на фини честички значително се намали, опаѓајќи за 45 проценти помеѓу 2005 и 2022 година.