Глобалната побарувачка за патнички воздушен сообраќај се зголеми за 4,6 проценти во август

Вкупната побарувачка за патнички воздушен превоз се зголеми за 4,6 проценти во август на глобално ниво, соопшти во вторник Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA).

Вкупниот капацитет на воздушниот сообраќај, мерен според достапните километри седишта, се зголеми за 4,5 проценти во истиот период, јавува агенцијата Анадолија.

Факторот на оптоварување изнесуваше 86 проценти во август, што претставува зголемување од 0,1 процентен поен во споредба со истиот месец минатата година и рекордно високо ниво за август.

Меѓународната побарувачка за превоз на патници се зголеми за 6,6 проценти во август, додека домашната побарувачка се зголеми за 1,5 проценти на годишно ниво.

Генералниот директор на IATA, Вили Волш, изјави дека и покрај економските неизвесности и геополитичките тензии, трендот на глобален раст не покажува знаци на забавување, бидејќи распоредот на летови за октомври покажува дека авиокомпаниите планираат 3,4 проценти поголем капацитет.

Тој додаде дека авиокомпаниите прават сѐ што можат за да ја задоволат побарувачката за патувања со максимизирање на ефикасноста, што дополнително ја нагласува важноста за производствениот сектор во авиоиндустријата да се справи со предизвиците во синџирот на снабдување.

ИАТА, исто така, во посебна изјава во вторник изјави дека вкупната побарувачка за воздушен товарен превоз се зголемила за 4,1 процент во август во споредба со истиот месец минатата година, што е шесто последователно месечно зголемување.

Капацитетот за товарен транспорт, мерен преку расположливите тони на километар, се зголемил за 3,7 проценти.