Нема повеќе човечки регрутери? АИ веќе интервјуира илјадници дневно

Вештачката интелигенција сè повеќе ја презема контролата врз процесот на вработување, а стартап фирмата Алекс и другите ја користат новата технологија за извршување рутински задачи за регрутирање, како што се проверка на биографиите, платите и достапноста на кандидатите, и се во можност да спроведуваат илјадници интервјуа дневно.

Кандидатите за работа во сите области наскоро можат да очекуваат значително повеќе почетни интервјуа за работа благодарение на вештачката интелигенција, но тоа не значи дека одеднаш ќе има повеќе отворени работни места, објавува TechCrunch.

Стартап компанијата Алекс, која е основана пред околу 18 месеци, веќе им помага на компаниите да спроведуваат видео и телефонски интервјуа. Коосновачот Арон Ванг истакнува дека нивниот регрутер базиран на вештачка интелигенција може автономно да спроведува интервјуа со кандидатите веднаш по аплицирањето и да им помогне на луѓето да се вработат во некои од најголемите компании во светот.

Меѓу клиентите на Алекс се елитни компании, финансиски институции, американски национални синџири на ресторани и четирите водечки сметководствени фирми, иако Ванг не именуваше конкретни имиња.

Инвеститорите веруваат дека интервјуата за работа водени од вештачка интелигенција ќе станат стандард во многу компании, што ѝ овозможи на фирмата на Алекс да собере 17 милиони долари финансирање.