Димитровски од МАСИТ: Дигиталниот пазар на ЕУ за нас не е само можност туку и крајна дестинација

Претседателот на МАСИТ – Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии,  Јордан Димитровски, учествуваше на регионалната конференција Western Balkans Digital Summit 2025″ во Скопје, посветена на дигиталната трансформација и интеграцијата на Западен Балкан во eдинствениот дигитален пазар на Европската Унија, организирана од Министерството за дигитална трансформација во Владата на Република Северна Македонија.

Како панелист и модератор, Димитровски ја отвори дискусијата за бариерите и можностите со кои се соочуваат стартапите, малите и средните компании од регионот, со цел нивно побрзо приближување до европските дигитални текови.

Во своето излагање тој истакна:

„Единствениот дигитален пазар на ЕУ претставува најдинамично и најперспективно економско подрачје во светот. За нашите компании тој не е само можност – туку и крајна дестинација за раст и развој.”

Панел-дискусијата се фокусираше на четири клучни аспекти за развој на дигиталната економија во регионот:

  • олеснување на пристапот до пазарот и надминување на регулаторните бариери,
  • усогласување со европските стандарди и регулативи,
  • унапредување на прекуграничната дигитална трговија и проток на податоци,
  • пристап до финансирање и нови извори на капитал.

Заклучоците од дебатата беа јасни: иднината на економијата на Западен Балкан е дигитална и таа иднина е нераскинливо поврзана со европскиот пазар.

МАСИТ, како водечка платформа на ИКТ-секторот во Македонија, останува посветен да го предводи процесот на дигитална трансформација и да обезбеди подобри услови за раст и интернационализација на компаниите од регионот.

Само преку соработка, визија и забрзани реформи можеме да ја изградиме нашата позиција како рамноправен и конкурентен дел од европската дигитална економија.