
Њујорк е метропола со најголем број милионери на глобално ниво, а зад него се наоѓаат Сан Франциско, Токио, Сингапур и Лос Анџелес.
Според истражувањето на британската консултантска компанија „Хенли и партнерс“, во Њујорк во моментов престојуваат 384,500 милионери, што претставува пораст во однос на 349,500 од минатата година.
Од тој број, 818 поседуваат богатство од најмалку 100 милиони американски долари, а 66 се милијардери, пренесува Пословни. хр.
Регионот на Сан Франциско се наоѓа на втората позиција со 342,400 милионери (305,700 во претходната година).
Во оваа област живеат 756 исклучително богати лица со најмалку 100 милиони долари и 82 милијардери. Токио е рангиран на третото место со 292,300 милионери, вклучувајќи и 262 со по најмалку 100 милиони долари и 18 милијардери.
Студијата покажува дека најголемиот дел од милионерите живеат во Северна Америка и во Азија. Од Европа, меѓу првите 10 „милионерски“ градови се само Лондон и Париз, додека Милано е на 11-то место, Франкфурт на 19-то, а Цирих на 20-то место. Во 20-те „најбогати“ градови во светот се наоѓаат и Хонг Конг, Сиднеј, Чикаго, Пекинг, Осака, Шангај, Торонто, Мелбурн, Хјустон и Дубаи.