
Додека Германија со години се бори со економска стагнација, нејзиниот источен сосед Полска доживува силен раст и сè повеќе се етаблира како една од најуспешните европски економии.
Земјата, која со децении се сметаше за посиромашен дел од Европа, денес привлекува германски инвеститори, компании, но и работници кои сè повеќе одлучуваат да ја напуштат Германија и да се преселат преку границата.
Како Полска успеа да направи таков економски пробив и што може Германија да научи од тоа? Германскиот јавен сервис АРД се занимаваше со тоа прашање во репортажата на емисијата Плусминус.
Разликата во резултатите на двете земји е сосема јасна. Додека германската економија беше во рецесија во 2024 година, Полска постигна раст од три проценти. Една година подоцна, Германија забележа скромни 0,2 проценти, а Полска дури 3,6 проценти.
„Полска е најбрзорастечката економија во Европа веќе 40 години“, изјави за АРД Марчин Пионковски, економист од Универзитетот Козмински во Варшава, кој ја нарекува својата земја нов европски шампион во растот.
Колку се промениле економските односи меѓу двете земји, покажува фактот дека во Полска работат околу 6.000 германски компании, кои таму инвестирале приближно 50 милијарди евра.
Еден пример е компанијата „Д-р Шумахер“, чие седиште остана во германската покраина Хесен, додека поголемиот дел од производството се одвива во полскиот град Лубан. Таму, околу 1.200 вработени годишно произведуваат до 500 милиони пакувања влажни и дезинфекциски марамчиња за глобални брендови.
Директорот Пол Станек ја нагласува брзината на администрацијата како една од најголемите предности на работењето во Полска. За изградба на нов магацин или проширување на производството, вели тој, постапката треба да се заврши за една до година и пол, наместо да се чека три години за дозволи. Во такви услови, компанијата може да работи значително поконкурентно отколку во Германија.
Во исто време, пониските плати повеќе не се одлучувачки. Инвеститорите се привлечени од квалитетот на работната сила и мотивацијата на вработените. Според податоците на економистот Пjонковски, просечниот приход по жител во Полска е речиси четирикратно зголемен од 1990 година, додека во Германија е зголемен за приближно половина. Полјаците, додава тој, статистички работат до 600 часа годишно повеќе од Германците.
Полската конкурентност се потпира и на даночни олеснувања. Вработените под 26 години не плаќаат данок на доход до годишен износ од приближно 20.000 евра. Според Пјонковски, таквата политика е една од причините зошто Полска денес има една од трите најниски стапки на невработеност во Европската Унија.
Владата, исто така, разгледува дополнителни даночни олеснувања за семејствата со најмалку две деца. Според предлогот, семејниот приход би можел да биде ослободен од данок до приближно 65.000 евра годишно, под услов двајцата родители да работат и да заработуваат еднакви плати.
Даночни олеснувања постојат и на пазарот на недвижности. Купувачите на прв дом се ослободени од данок на пренос на имот, што им олеснува на младите семејства да го купат својот прв дом.
Економските разлики се повеќе се одразуваат во миграцијата. Во текот на 2024 година, речиси 91.000 луѓе се преселиле од Германија во Полска, додека околу 82.000 отишле во спротивна насока. Германија, според тоа, забележала нето загуба од приближно 9.000 луѓе во миграциската размена со Полска.
Една од повратниците е Јоана Столарек, која по 30 години живеење во Берлин одлучила да продолжи да работи во Варшава. Како една од причините, таа ги наведе даночните олеснувања за повратниците, кои можат да добијат ослободување од данок до 20.000 евра годишно во текот на четири години.
Дигитална држава и помалку чекање за дозволи
Полска, исто така, направи голем чекор напред во дигитализацијата на јавната администрација. Преку државната апликација, граѓаните можат да извршуваат голем број задачи, од дигитална идентификација во банки и нотари до основање компании и отворање сметки.
Ларс Гутај, директор на Германско-полската индустриска и трговска комора во Варшава, проценува дека Полска е најмалку десет години пред Германија во дигитализацијата на јавната администрација. Повеќето административни процедури можат да се завршат целосно дигитално, пренесува „Вечерњи лист“.
Сообраќајната инфраструктура исто така брзо се развива. Во последните две децении, Полска ја прошири мрежата на експресни патишта за повеќе од 4.000 километри. Притоа, таа применува различен модел на јавни набавки, во кој проектирањето и изградбата се склучуваат во една постапка, а изведувачот презема и добивање на потребните дозволи. Со ова се избегнува дел од долгорочните процедури и се овозможува работите да се извршуваат истовремено.
Меѓу најголемите идни проекти е изградбата на голем воздушен центар помеѓу Варшава и Лоѓ. Целта е да се стигне до идниот аеродром од кој било дел од земјата со воз за не повеќе од 100 минути, поради што железничката мрежа се модернизира истовремено.
Успехот на Полска, според тоа, се темели на комбинација од инвестиции, даночни олеснувања, дигитализација и побрза администрација. Додека Германија се бори со високи трошоци, бирократија и слаб економски раст, нејзиниот некогаш посиромашен сосед станува сè посериозен економски конкурент.











