Безос: Не, дипломата не е бескорисна – Цукерберг и Гејтс се исклучоци, а не правило

Некои од најголемите приказни за успех од технолошкиот свет започнаа на универзитетите – но не со диплома. Во 2004 година, Марк Цукерберг го започна Фејсбук од својата студентска соба на Харвард, а потоа се откажа од колеџот. Бил Гејтс го стори истото речиси три децении претходно, основајќи го Мајкрософт со Пол Ален во 1975 година.

Сепак, основачот на Амазон, Џеф Безос, тврди дека тие се исклучок, а не правило.

„Можно е да имате 18, 19 или 20 години и да го напуштите факултетот за да станете одличен претприемач – но тоа се исклучоци“, рече Безос на Неделата на италијанската технологија на почетокот на октомври.

Наместо тоа, тој им советува на младите луѓе прво да работат во големи, добро организирани компании каде што можат да ги научат основите на успешното работење.

„Секогаш им советувам на младите луѓе: да се вработат во компанија што применува најдобри практики, каде што можете да ги научите основите – како добро да вработувате, како да спроведувате интервјуа, како да градите тим. Ова се вештини што ќе ви помогнат кога еден ден ќе започнете сопствен бизнис“, рече Безос.

Тој додаде дека работното искуство пред да започнете бизнис драстично ги зголемува шансите за успех.

Десет години искуство што промени сè
Безос го основал Амазон на 30-годишна возраст, по речиси една деценија работа во финансискиот сектор на Волстрит. Денес, тој е петтиот најбогат човек во светот со нето вредност од 234 милијарди долари.

За споредба, Гејтс и Цукерберг ги започнале своите компании кога имале само 19 години. Сепак, тие сè уште се меѓу најбогатите: Марк Цукерберг е четврти на листата на Форбс, со 250 милијарди долари, додека Бил Гејтс, со 121 милијарда долари, е на 15-то место.

Безос верува дека дополнителните десет години искуство многу му помогнале:

„Тие десет години повеќе ја подобрија веројатноста дека Амазон ќе успее. И тоа се покажа како вистина.“

Денес, Амазон вреди 2,33 трилиони долари во пазарна капитализација, што го прави најголемиот онлајн трговец на мало во светот.

За разлика од нив, Безос дипломирал 
Покрај искуството, Безос дипломирал.Тој бил член на почесните друштва Phi Beta Kappa и Tau Beta Pi и претседател на Студентското здружение за истражување на вселената. Токму оваа фасцинација со вселената подоцна се претвори во компанијата Blue Origin, основана во 2000 година, која Безос ја смета за „најважното дело во неговиот живот“.

За„Блу Ориџин“ Безос верува дека еден ден ќе стане поголема од „Амазон“.

„Тоа секогаш би бил мој совет: Завршив колеџ и уживав. Мислам дека тоа ми помогна“, рече Безос.

Дали дипломата сè уште вреди нешто?
И покрај зборовите на Безос, младите луѓе сè повеќе ја доведуваат во прашање вредноста на дипломата. Цените за школарина вртоглаво растат, а бројот на квалитетни работни места за нови дипломирани студенти се намалува.

„Одењето на колеџ треба да биде тема на дебата денес“, рече Џим Фарли, извршен директор на „Форд“.

Од друга страна, Мајк Роу, познат застапник на занаетчиите, предупредува:

„Ништо во историјата на западната цивилизација не поскапело побрзо од четиригодишна диплома – ниту енергијата, ниту храната, ниту недвижностите, ниту здравствената заштита“.