Нови правила на ЕУ: Шишињата мора да содржат 25 проценти рециклирана пластика

По капачињата што не можат да се отстранат, уште една важна еколошка промена доаѓа во индустријата за пакување. Од 2025 година, пластичните шишиња ќе мора да содржат најмалку 25 проценти рециклирана пластика, што е обврска пропишана со нова директива на Европската унија.

Целта е јасна – да се намали количината на нова пластика произведена од фосилни суровини и да се воведе поодржлив систем на кружна економија, во кој материјалите се користат повторно наместо да завршуваат на депонии. Според правилата на ЕУ, до 2030 година процентот на рециклирана пластика во секое шише ќе мора да се зголеми на најмалку 30 проценти.

Иако шишињата со поголем процент на рециклиран материјал може да имаат малку потемна или жолтеникава нијанса, експертите тврдат дека квалитетот, цврстината и хигиенските својства остануваат целосно непроменети.

Производителите, сепак, ќе мора да ги прилагодат своите процеси на новите стандарди – од набавка на суровини до методите на преработка и контрола на квалитетот. Оваа промена е дел од пошироката стратегија на Европската Унија во борбата против микропластиката, честички кои се создаваат со распаѓање на пластичните материјали и сè повеќе завршуваат во водата, храната и почвата.

Со користење на шишиња со поголема содржина на рециклирани материјали, се намалува јаглеродниот отпечаток од производството, како и количината на пластичен отпад што се гори или се фрла на депониите.

Во Италија, како и во другите членки на ЕУ, новата регулатива се толкува како клучен чекор кон поодржливо пакување, додека експертите очекуваат дека овој модел ќе стане стандард и во земјите надвор од ЕУ. Транзицијата кон рециклирана пластика ќе донесе значителни придобивки за животната средина, но и технички предизвици за производителите, кои мора да се осигурат дека новата структура нема да влијае на безбедноста на храната и трајноста на производот.

Сепак, придобивките се јасни – помалку фосилни ресурси, помала емисија на штетни гасови и подобар квалитет на животната средина.

По задолжителните капачиња што не се вадат, ова е уште еден важен чекор во еволуцијата на пластичното пакување и глобалните напори за намалување на загадувањето со микропластика.

Фото: Pixabay