
На генерацијата Z (луѓе родени помеѓу 1997 и 2012 година) постојано им се вели дека имаат мали шанси да најдат работа бидејќи вештачката интелигенција би можела да замени многу работници, особено оние што работат едноставни работи.
Сепак, Џенсен Хуанг, извршен директор на Nvidia, најголемиот производител на чипови во светот, верува дека има илјадници работни места за млади луѓе, но дека тие мора да бидат подготвени да посетуваат стручни училишта.
„Ако сте електричар, водоводџија, столар, ќе ни требаат стотици илјади од нив за да ги изградиме сите фабрики. Квалификуваните работни места ќе цветаат во секоја економија. Секоја година, бројот на квалификувани работници ќе мора да се удвои“, изјави тој за британската телевизиска станица Channel 4 News минатиот месец.
Побарувачката за квалификувани работници се покажува и со примерот на изградбата на центри за податоци, кои се сè понеопходни објекти. Така, за изградба на еден таков центар со 250 илјади квадратни метри ќе бидат потребни 1.500 градежни работници.
Тоа се работници чија годишна плата во Соединетите Држави е повеќе од 100 илјади долари, без да се вклучат бонусите за прекувремена работа. Секој градежен работник генерира дополнителни 3,5 работни места во Соединетите Американски Држави.
Значи, од гледна точка на Хуанг, може да се заклучи дека следниот бран на вработување е на страната на мануелната работа, а не во софтверот. Кога Хуанг беше прашан претходно оваа година што би студирал ако сега имаше 20 години, тој одговори дека тоа би било нешто базирано на физичките науки. Тој не е сам меѓу бизнисмените и претприемачите кои размислуваат на овој начин, пишува бизнис списанието „Fortune“.