ЕУ го казни Гучи со 120 милиони евра

Европската комисија објави дека им изрече казни на луксузните модни куќи „Гучи“, „Клое“ и „Лое“ во вкупен износ од 157,4 милиони евра поради мешање во ценовната политика на трговците на мало.

„Гучи“ мора да плати казна од 119,7 милиони евра, „Клое“ 19,7 милиони, а „Лое“ 18 милиони евра. Брисел ги намали износите за сите три компании бидејќи соработуваа во истрагата и обезбедија докази. Брендовите со седиште во Италија, Франција и Шпанија нелегално ги одредуваа цените за своите производи на трговците на мало, откри Комисијата.

Потпретседател на Комисијата на ЕУ: Одлуката испраќа силен сигнал
„Поточно, три модни компании се мешаа во комерцијалните стратегии на нивните трговци на мало со наметнување ограничувања, како што е барањето да не отстапуваат од препорачаните малопродажни цени, максималните попусти и специфичните периоди на продажба“, се вели во соопштението на ЕК.

Таквата практика резултира со повисоки цени и го ограничува изборот на потрошувачите, заклучија во Брисел. Прекршувањето на прописите се протегаше во текот на неколку години и ја опфаќаше целата територија на Европската Унија.

„Сите потрошувачи во Европа заслужуваат придобивки од вистинска ценовна конкуренција, што и да купат и каде и да се, онлајн или офлајн. Одлуката испраќа силен сигнал до модната индустрија и пошироко дека нема да толерираме вакви практики во Европа и дека фер конкуренцијата и заштитата на потрошувачите важат за сите подеднакво“, изјави потпретседателката на Европската комисија, Тереза ​​Рибера.

Реакциите на казнетите модни куќи пристигнаа
Сопственикот на Гучи, Керинг, нагласи за Ројтерс дека истрагата на ЕУ е завршена по соработката, додавајќи дека го евидентирал износот на казната во деловните резултати на групацијата за првата половина од годината.

И Лоe потврди дека постигнал договор со ЕУ, нагласувајќи дека има намера „строго да ги почитува“ прописите за еднаква конкуренција во своите идни операции. Клое рече дека го сфаќа прашањето „исклучително сериозно“, додавајќи дека од 2023 година, кога ЕУ ја отвори својата истрага, ги засилила мерките за да обезбеди усогласеност.