Цените на нафтата паднаа

Цените на нафтата малку паднаа откако инвеститорите почнаа да ја проценуваат важноста на новиот трговски договор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг.

Цената на суровата нафта од типот Брент падна за 0,31 процент на 64,72 долари за барел, додека американската нафта WTI падна за 0,33 проценти на 60,28 долари за барел, објави Ројтерс.

Падот покажува дека некои инвеститори се скептични дека новиот трговски договор навистина означува крај на трговската војна меѓу двете земји. Сепак, Трамп изјави дека разговорите со Си биле „фантастични“ и нагласи дека двајцата лидери имаат „одличен однос“.

Во меѓувреме, британскиот енергетски гигант Шел објави оперативни резултати за третиот квартал, со прилагодена нето добивка од 5,43 милијарди долари, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите во лондонскиот финансиски сектор.

Компанијата соопшти дека рекордното производство во Бразил и највисокото ниво на производство во последните 20 години во „Америчкиот Залив“ – името што Трамп го воведе наместо Мексиканскиот Залив – биле клучни за резултатите.