
Германскиот автомобилски добавувач „Бош“ денес објави дека планира да намали уште 750 работни места во својата фабрика во Абштат, во сојузната покраина Баден-Виртемберг, до крајот на 2029 година.
Компанијата изјави дека намалувањето на бројот на вработени ќе се спроведе на општествено прифатлив начин, наведувајќи ги како причини неповолните економски околности и длабоките структурни промени во автомобилската индустрија, објави весникот „Виртшафтсвохе“.
„Бош“ предупреди дека глобалното производство на автомобили стагнира, додека побарувачката во Европа опаѓа, а конкурентскиот притисок врз трошоците, брзината на производство и продуктивноста расте истовремено, особено од сè посилните азиски производители.











