ЕЦБ објави нови проценки – платите во Еврозоната ќе продолжат да растат во текот на 2027 година

Растот на договорените плати во Еврозоната би можел малку да се забрза во првите три квартали од следната година во споредба со целата 2026 година, објави  Европската централна банка (ЕЦБ).

Според најновите податоци од таа институција, растот на платите, без еднократните плаќања, ќе изнесува просечно 2,8 проценти во наведениот период.

Според ажурираниот индикатор за трендовите на платите, кој ги вклучува активните колективни договори потпишани до средината на октомври 2026 година, ЕЦБ истакнува дека растот на договорените плати ќе биде околу 2,3 проценти во текот на целата година, додека за втората половина од 2026 година се предвидува стапка од 2,7 проценти.

Растот од 2,8 проценти се очекува за првата половина од 2027 година, додека би можел да се забави на 2,4 проценти во третиот квартал, според ЕЦБ.

Индикаторот што ги исклучува еднократните плаќања, како што се бонусите и последователните исплати на плати, укажува на просечен раст од 2,6 проценти во 2026 година, или 2,8 проценти во првите три квартали од следната година.

ЕЦБ наведува дека овој индикатор подобро ги одразува трајните зголемувања на платите договорени со колективни договори, додека основниот индикатор вклучува и еднократни плаќања распоредени во период од 12 месеци.

Во споредба со претходно објавените податоци од септември, проценката за растот на договорените плати е малку зголемена за втората половина на 2026 година и првата половина на 2027 година, во просек за околу 0,1 процентен поен.

Централната банка предупреди дека проекциите за следниот период не треба да се толкуваат како официјална прогноза, бидејќи се базираат исклучиво на информации од моментално важечките колективни договори и може да се ревидираат со потпишувањето на нови договори.

Податоците за третиот квартал од 2027 година се особено предмет на промена, бидејќи во моментов вклучуваат само 23,3 проценти од вработените во деветте земји од Еврозоната кои учествуваат во креирањето на овој индикатор.

ЕЦБ објави дека следното ажурирање на индикаторот, по декемврискиот состанок на Управниот совет, ќе биде објавено на 18 декември 2026 година.