Фондот на Светска банка за помош на сиромашните земји, од земјите донатори и други извори доби рекордна сума од 52 милијарди долари за три години. Средствата што ги обезбедија 46 земји членки ќе ги преземе Меѓународното здружение за развој (ИДА), оддел на Светска банка специјализиран за заеми со многу ниски камати и грантови за сиромашните земји, главно во Африка.
“И покрај тешките економски услови, коалицијата на развиените земји и земјите во развој денес се обврзаа да ја забрзаат борбата за искоренување на сиромаштијата”, стои во соопштението што вчера го објави оваа институција.
ИДА се рефинансира секои три години, а оваа година прими износ поголем за 5,4% во однос на 49,3 милијарди долари собрани во декември 2010 година.
Во текот на следните три години овие пари ќе овозможат набавување на вакцини за околу 200 милиони деца и пристап до питка вода за уште 32 милиони луѓе. Заемите ќе бидат употребени за проекти врзани за климатските промени и еднаквост меѓу половите, како и за подрачја во кои има судири.
Земјите донатори и нивните износи ќе бидат објавени во март следната година. Во периодот 2010 – 2013 главен донатор на ИДА беа САД, а потоа следуваа Велика Британија и Јапонија.
ИДА е главен инструмент на Светската банка за постигнување на целите за ставање на крај на екстремната сиромаштија и зголемување на просперитетот во најсиромашните земји, каде скоро една милијарда луѓе живеат со помалку од 1,25 долари на ден. Финансирањето ќе и овозможи на ИДА да реализира иновативни решенија за да им помогне на најсиромашните земји да одговорат на развојните предизвици.