
Според податоците од Месечниот статистички билтен, меѓу првите пет компании кои се издвојуваат како најтргувани по бројот на трансакции и вкупниот остварен промет се акциите на Комерцијална Банка АД Скопје, Алкалоид Скопје, Гранит Скопје, Макпетрол Скопје и НЛБ Банка Скопје.
Две од петте најтргувани акции на официјалниот пазар на Македонската берза во октомври 2025 година доаѓаат од банкарскиот сектор, што укажува на зголемен интерес на инвеститорите кон финансиските институции.
Со акциите на Комерцијална Банка направени се 621 трансакции, со просечна цена од 27.544,76 денари и промет од 2.486.922 евра. По нив со 251 трансакции со просечна цена од 25.679,07 денари и промет од 852.606 евра следат акциите на Алкалоид Скопје, а зад нив со 47 трансакции со просечна цена од 1.744,68 денари и промет од 792.523 евра се акциите на Гранит Скопје.
Меѓу петте најтргувани акции се најдоа и акциите на Макпетрол Скопје со 92 трансакции со просечна цена 117.020,84 денари и промет од 650.929 евра и НЛБ Банка Скопје со остварени 48 трансакции со просечна цена од 57.493,69 денари и промет од 208.990 евра.
Акциите на овие компании доминираа на берзанскиот пазар, при што покажаа значителен интерес од страна на пазарните учесници. Овие податоци претставуваат важен индикатор за движењата и трендовите на домашниот капитален пазар.











